| четврток, 6 декември 2018 |

Индијанското племе Команчи сѐ уште се гордо ја следат својата традиција

Four_Mounted_Indians_ca_1914

Индијанците од племето Команчи, порано наречени Господари на Рамниците, поседувале царство кое опфаќало половина од денешната држава Тексас и големи делови на Оклахома, Ново Мексико, Канзас и Колорадо.

Населувањето на западен Тексас било одложувано 40 години поради опасноста од тие бестрашни номади. Како од Лотон во Оклахома известува дописникот на Глас на Америка Грег Флејкус, иако нивните воинствени денови се минато, припадниците на племето Команчи кои ги има околу 15.000, се горд народ кој ја негува својата традиција.

Команчите повеќе не војуваат со соседите, но со традиционалната индијанска свеченост Пау Вау, со песни и игри го оживуваат своето легендарно, возбудливо минато.

Френ Свифт танцува со петгодишниот син кои оди во Команчи градинка.

– Знае да пее неколку Команчи химни, знае некои зборови и многу други работи… знае повеќе од мене.

Свифт вели дека, иако живее и работи во модерно општество, го негува својот идентитет. Идентитетот на американски староседелец.

– Горд сум на нашето потекло.

Денешните Команчи се познати по своето гостопримство и љубезноста, но поголемиот дел од 18 и 19 век, Команчите и нивни сродни, прериски племиња, доминирале со богатите, јужни прериски ловишта низ кои талкале крда бизони.

Навикнати на пространство, Команчите пружале најжесток отпор на белите освојувачи, но напредокот на индустријализираната цивилизација на крај ги скрши и Команчите и другите племиња. Авторот на книгата Царство на летниот Месец, за историјата на Команчите, С. Ц. Гвин вели дека Команчите биле непобедливи.

– Тие биле слични на Германија во 19 век. Биле силна геополитичка сила која 200 години истребувале и прогонувале други племиња.

Шпанскиот обид за колонизација на Тексас бил спречен на границата, како што ја нарекувале Команчерија.

Кога Мексико во 1821 година стекнало независност, новата влада дозволила влез на доселеници од САД во надеж дека можеби тие ќе бидат во состојба да се носат со тој проблем, вели Гвин.

– На нив им било понудено да бидат еден вид на тампон зона со Команчите. Таков бил договорот.

Тексашките ренџери научиле како во помали групи да се борат против Команчите, меѓутоа Команчите сепак ја изгубиле војната во 1874 против американската војска, со масакр на илјадници нивни пони во кањонот Пало Дуро во северен Тексас. Иако во борбата биле убиени само неколку Команчи, останувајќи без коњите и резервите Команчите капитулирале, а војската ги заземала нивните населени места.

Водачот на Команчите во последната битка, кога се предале кај Форт Сило во Оклахома, се викал Куана. За него подоцна се дознало дека бил син на поглавицата на Команчите и заробена бела жена, Синтија Ен Паркер. Затоа подоцна бил познат како Куана Паркер.

Стотици луѓе тука се потомци на Куана Паркер, на кого му е оддадено признание за неговото лидерство, посебно во тешкиот период на транзиција кон животот во резерватот.

Додека успешно преговарал со војската, агентите, сточарите и политичките лидеир Куана истовремено помагал на припадниците на своето племе да преживеат и ги охрабрувал да гледаат во посветла иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top