Двајцата Американци кои беа затворени и осудени во Северна Кореја, а вчера ослободени, се вратија денеска во САД со специјален авион што слета во воената база близу до Такома во сојузната држава Вашингтон.
Кенет Бае (42), кој е Американец со корејско потекло и христијански мисионер, беше уапсен во ноември 2012 година. Тој беше осуден на 15 години тешка работа во работни логори, под обвинение за обид да создаде групи за соборување на актуелната власт во Пјонгјанг.
Вториот Американец, Метју Тод Милер, кој е тур-оператор, беше осуден на шест години присилна работа, откако беше обвинет за „повреда на имигрантските прописи“ затоа што ја уништил визата за да побара азил. И тој, како и Бае, беше обвинет дека работел на соборувањето на власта.
Двајцата беа ослободени кога директорот на американското национално разузнавање Џејмс Клапер отпатува во Северна Кореја и по директните разговори со севернокорејските власти, на што Пјонгјанг постојано инсистира, договори ослободување на затворените Американци.
Клапер ги придружуваше обајцата, при враќањето во САД.
Третиот Американец, Џефри Фоул беше ослободен во минатиот месец, па сега нема ниту еден американски затвореник во Северна Кореја.
Претседателот на САД, Барак Обама изрази задоволство и благодарност поради ослободувањето на Американците и нивното враќање дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.