| четврток, 6 декември 2018 |

„Празијада“ во кумановско Режановце

praz

Во кумановско Режановце денеска се оддржа 4. „Празијада“. Целта на манифестацијата е промоција на специјалитети чија главна состојка е празот, но и промоција на градинарската култура, карактеристична за реонот Режановце, Опае и Лопате.

Освен локалните жители, производи презентираа и повеќе компании од прехранбената индустрија.

– Празот најчесто се одгледува како втора култура поради што нема конкретни податоци колку производители има во регионов. Сепак е факт дека нивниот број секоја година се намалува и покрај одличните природни услови за одгледување праз. Затоа и целта на манифестацијата е оваа градинарска култура да се промовира, изјави Трајан Димковски, претседател на месната заедница во Режановце.

Во овој реон на Кумановско околу 100 земјоделци продаваат праз. Годинава поради климатските промени, остварија помали приноси со послаб квалитет.

– Преку „Празијада“ се промовира овој земјоделскиот производ специфичен за овој регион и се надеваме дека освен во кумановско ќе стане препознатлив во Македонија,но и пошироко, рече градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски кој ја отвори манифестацијата.

Манифестацијата е под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово, а ја организира месната заедница на село Режановце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top