Во последниот период во Русија се живее како во земјата на чудата на Алиса, од истоимениот роман на Луис Керол. Знаете, онаа книга за деца и возрасни каде во еден свет на илузии населен со чудесни, антропоморфни суштества, се е доведено до апсурд.
Првин започна стрмоглавиот пад на рубљата.
Руската национална валута деновиве не само што девалвира туку се наоѓа во систематска криза, и во изминативе неколку недели таа изгуби над 20 отсто од својата вредност. Во Русија, курсот на рубљата не е фиксиран за една валута, како на пример денарот кај нас што е фиксиран за еврото. Овде тоа се нарекува „пловен курс“, и тој пред се зависи од моменталната побарувачка на странска валута, главно американски долар и евро (затоа овде е развиено Форекс тргувањето и некои од тоа заработуваат добри пари), фискалната политика на Централната банка на Русија со нејзините повремени емисии на девизи за мали корекци на курсот, како и општата доверба на инвеститорите. Сепак, најважното што досега го држеше колку-толку стабилен курсот на рубљата е цената на нафтата на светските берзи.
Од почетокот на октомври цената на нафтата започна да паѓа, со себе повлекувајќи ја и рубљата. Според своите перформанси, руската економија е слична на економиите на Аргентина, Венецуала или Иран, кои зависат од извозот на суровините на тие земји, најмногу нафтата. „Во таа смисла ние имаме целосно примитивна економија, економија на банана држава“, вели Борис Немцов, советник во собранието на Јарославска област, поранешен вице-премиер и еден од лидерите на опозицијата. „Оттука, лесно може да се предвиди курсот на рубљата кон доларот, бидејќи повеќе од половина од рускиот буџет се пополнува со давачки од експорт на нафта“.
„Формулата на Немцов“ за прогноза на падот на рубљата деновиве стана популарна по социјалните мрежи. Стабилноста на економијата на една земја зависи од државниот буџет, доколку има најави дека идната година ќе има буџетски дупки, тогаш и довербата на инвеститорите кон таа економија опаѓа и државните обрзници на таа земја стануваат поефтини. За буџетот во 2014 руските регулатори предвудуваа курсот да биде 37.7 рубљи за долар при цена на нафтата на светските берзи од 96 долари за барел. „Одовде, 37.7 помножено со 96 е еднакво на 3620. Значи, за да се пополни буџетот, курсот на рубљата треба да биде таков за добивката од барел нафта да е 3620 рубли“, пресмета Немцов.
Според оваа формула, ако некој во Русија сака да го дознае утрешниот курс на доларот треба само 3620 да подели со актуелната цена на нафтата, или 77 долари за барел од видот WTI. Одовде, гринбексите сега се продаваат за 46 рубљи за долар. Историски, ова е најниското ниво на рубљата во однос на долар/евро бивалутната корпа (околу 51 руб.) воспоставена од ЦБР. Аналитичарите и познавачите прогнозораат дека нема најава за сопирање на надолниот тренд. И ова е толку апсурдно што од ден на ден нефиксираниот (пловен) курс на руската рубља се приближува до вредноста на македонскиот денар.
Денес, додека го пишувам текстов, рубљата веќе падна на 47 за долар, по којзнае кој пат обновувајќи го историскиот минимум, и се израмни со македонскиот денар. Кој би помислил, според вредноста на домашните валути, во моментов инвеститорите имаат слична доверба како кон економијата на Русија така и кон онаа на Македонија. Нашата влада би требало да го искористи моментот и да го истакне тој факт при нејзините странски промоции на проектот „Инвестирајте во Македонија“. На пример со лозунгов: „Македонија, земја на можности – македонските домат и пиперка вредат колку руската нафта и гас!“
Шегата настрана, но Русија навистина се соочува со колапс на нејзниот финансиски систем. Берзите и инвеститорите овде се во паника и очај, а владата и ЦБР не можат да сторат многу за да ја сопрат справедливата „невидлива рака на пазарот“ на Адам Смит. Овие негативни економски трендови за Владимир Путин се вторичен проблем – тој е зафатен со други, поважни работи, како окрупнување на територија и создавање на империја. Напротив, резултатот би бил трагичен – народ на улица, социјални немири и возможно нов Мајдан, од што во Кремљ најмногу се плашат.
Навистина, Русија како втора земја во светот по производство на гас и нафта, нејзината економија и валута едноставно неможат да бидат слични или исти, ниту реално ниту во бројки, со економијата и валутата на малата Македонија. Во што е тогаш апсурдот? Има неколку макро-економски причини како одливот на странски капитал кој од почетокот на годината достигна рекордни 110 милијарди долари, санкциите, кои им го затворија европскиот пазар за ефтино кредитирање на низа банки и нафтени команиии и олигарси, како и поефтинувањето на нафтата.
Но, според мое мислење, најважната причина за надоаѓачката економска и финансиска криза треба да се бараат во сферата на политиката. Војната со Украина, воената подршка на сепаратистите во Донбас, присоединувањето на Крим, замрзнувањето на односите со Европската Унија и САД. За сето ова безумие и авантури на еден човек, плаќа целата земја. Поради негативната и искривена пропаганда по главните телевизии, мнозинство од народот верува дека сето ова им го прават злобните Амери „Гејевропа“ – кованица на руските популисти и хомофоби што се однесува главно за западна Европа.
Обезвреднувањето на нивите заштеди и галопирачката инфлација е цената што обичните Руси треба да ја платат за, како што вели антикорупционерот и опозициски лидер, Алексеј Навални, империјалистичкиот жар и желба за „војна до победа“ на еден човек. Ова е цената што треба да се плати за покачување на неговиот рејтинг. Сите импортни производи во Русија денес се за 30-40 отсто поскапи за разлика од почетокот на годината. Од компјутери, до телефони до Лего конструктри, и до Најк патики и Ливајс фармерки. „Така што, купувајќи патики што сега чинат 1684 рубљи повеќе, треба да се има на ум – вие плаќате за неговиот висок рејтинг“, вели Навални.
Од економија одиме во историја. Со изјавата на Путин дека франко-англискиот сојуз e виновен за тоа што Хитлер убил десетици милиони, помеѓу кои и шест милион Евреи. Како што напоменав, претседателот воопшто не е засегнат со тоа што се случува со економијата и кризата на рубљата, и од него не чувме никаква сериозна изјава или обраќање по тој повод. Тој спокојно лечи империски фрустрации и во меѓувреме, соодветно, се занимава со ревизија на историјата.
На една средба одржана неделава со историчари тој изјави дека немало „ништо лошо“ во Молотов-Рибентроп пактот и ги обвини Англија и Франција за почетокот на Втората светска војна. „Нема ништо лошо во нацистичко-советскиот договор за ненапаѓање“, кој доведе до поделба на Полска и почеток на војната, кажа Путин, чија изјава ја објави официјалниот сајт на Кремљ.
Внимавајте, во Русија денес функционира полудржавен антифашистички и антимајдански совет за лов на вештерки, се води турбо-пропаганда дека власта во Украина ја грабнале фашисти, неонацисти, бандеровци и кој ли уште не, а нејзиниот прв човек, шефот на државата, ги обелува постапките на нацистите пред 1939 и ги обвинува западните земји како Англија и Франција за војната што Хитлер подоцна ја разврзал.
Историските нијанси настрана – како на пример Минхенските договори од 1938 помеѓу Франција, Велика Британија и Германија за судбината на Судетска област во Чехословачка, но да се обвинуваат други за лудилото на Хитлер да започне уништувачка војна со целиот свет, е навистина… хммм, како од Алиса во земјата на чудата.
Финска, Естонија, Латвија, Литванија, Полска и Романија, земјите за поделба кои фигурирале во наци-болшевичкиот таен договор, со вознемиреност ја примија оваа изјава. “Кога Путин вели дека нема ништо лошо во Рибентроп-Молотовиот пакт, јас велам дека современа Русија се наоѓa во голема невоља“, твитна Едгарс Ринкевичс, латвискиот министер за надворешни работи.
Руското општество моментно се наоѓа во состојба на империска наркотичка опијанетост (откако многумина ја изеле печурката на Алиса што и ја подметна гасеницата). Но пијаната состајба не трае вечно, пијанката наскоро ќе заврши а по некое време настапува мамурлокот.
Трезнењето секогаш е најтешко.
Блурб:
Според вредноста на домашните валути, во моментов инвеститорите имаат слична доверба како кон економијата на Русија така и кон онаа на Македонија. Нашата влада би требало да го искористи моментот и да го истакне тој факт. На пример со лозунгов: „Македонија, земја на можности – македонските домат и пиперка вредат колку руската нафта и гас!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.