| четврток, 6 декември 2018 |

Иако не е на функција, Филе три години ќе добива плата од 11.000 евра

филе 

Сите еврокомесари на чело со Жозе Мануел Барозо, што од 1-ви ноември останаа без работа, откако дојде на власт новата Европска комисија на чело со Жан-Клод Јункер, ќе уживаат во финансиските привилегии на нивната претходна функција уште три години, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што денеска потврди портпаролот за човечки ресурси и буџет, Јакуб Адамовиц, нам познатиот екс-комесар за проширување, Штефан Филе, како и останатите од поранешниот Колеџ на комесари, ќе се водат според член 245.2 од Договорот на функционирање на Европската унија.

– Овој договор има два концепти: интегритет и дискреција. Се е инволвирано во овој член и треба да се погледне неговиот дух во Договорот – посочи портпаролот Адамовиц.
Разгледувајќи го овој член од Договорот на ЕУ, најпрво изненадува податокот дека основната бруто-плата на еврокомесар изнесува 20.832 евра плус додатоци за деца и 15 проценти плус на платата поради тоа што комесарот живее надвор од својата држава и добива 607 евра за репрезентација. Потпретседателите на ЕК имаат 23.147 евра месечни примања, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика добива 24.073 евра, а претседателот 25.554 евра плата.
На оваа сума, еврокомесарите плаќаат придонеси за здравствено и социјално осигурување и сместување во Брисел, но кога ќе се пресметаат додатоците за одвоен живот и за деца, повторно и како нето в џеб ја ставаат посочената бруто-плата.
Во однос на сменетите комесари, тие, според овој Договор на Унијата, добиваат една цела плата откако им завршува мандатот. Потоа, во првите три години додека нема работа, добиваат од 40 до 65 проценти од поранешната плата. Па, ако некој, како Филе, во случајот бил пет години комесар, тој три години добива по 55 процети од поранешната плата, што пресметано доаѓа околу 11 илјади евра месечна плата.
– Постојат внатрешни правила за поранешните еврокомесари, па сето ова е поврзано со т.н. ладен период, во случај тие три години да не работат ништо – додава шефот на прес-службата на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас.
Интересно е ако некој од екс-комесарите, сепак, за време на ладниот период најде работа, доколку за истата, сепак, добиваат помалку од предвидениот износ од Комисијата (во примерот со Штефан Филе, ако најде работа за помалку од 11.000 евра), тогаш Брисел му го покрива остатокот од платата во период од три години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top