| четврток, 6 декември 2018 |

СКАНДАЛ: Прволигашите ги избркаа новинарите

На денешниот собир за завчерашното дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје, кое беше прекинато, претседателот на Здружението на прволигашите, буквално, ги избрка присутните новинари и тоа со образложение дека тоа е во – интерес на кошарката.

Ова е преседан каков што досега се нема случено во историјата на овој форум на најдобрите кошаркарски прволигаши, кој беше зачинет со уличарско однесување на претседателот на Карпош Соколи, Огнен Дедиќ, кој со вулгарни зборови се нафрли на една од присутните новинарки. Договорот меѓу екипите на претставниците на медиумите им ја соопшти вршителот на должноста претседател на Здружението, Бранислав Јовановски, на крајно дрзок и безобразен начин.

Бркањето на новинарите веднаш побуди сомневање дека се подготвува незаконска одлука за прекинатото вечно дерби, со оглед на тоа што случувањата на завчерашниот натпревар во „Градски парк“ беа единствени на дневниот ред на состанокот. Меѓу присутните беше и претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Даниел Димевски, кој не застана во одбрана на новинарите туку со малку „понежен“ јазик се обиде да ја објасни одлуката на екипите членки на Првата лига.

Причина за сомнежот за донесување незаконска одлука е неофицијалната информација за евентуален договор на првите луѓе на Работнички и на МЗТ Скопје за преигрување на натпреварот од почеток, што е надвор од сите акти на МКФ. Според нив, Работнички за одбивање да се вратат на паркетот треба да биде исклучен од лигата и да биде преселен во Третата лига.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top