Последниве години сѐ поактуелно станува производството на аронијата, која ја нарекуваат и овошје на иднината. Таа е составен дел од секоја здрава исхрана бидејќи плодовите на аронијата се многу хранливи и лековите, па оттука и интересот за нејзино одгледување. За тие што сакаат да почнат бизнис со ова растение, важно е да се спомене дека инвестицијата се враќа во третата година, а самото производство не бара некои дополнителни инвеситирања, освен тие за купување садници.
– Ние ги купувавме садниците по 400 денари, додека помалите и понеразвиени стебла се поевтини. Меѓутоа, ако се купи поголемо стебло, тоа побрзо ќе почне да раѓа, со што самата инвестиција ќе се врати порано. Добро развиена грмушка во својата трета година дава од седум до девет килограми род. Освен природно ѓубриво, нема друг трошок за насадите од аронија – вели Милка Спировска, на која насадите од аронија во Лешок ѝ носат добри дополнителни приходи. За тие, пак, што немаат основни примања, одгледувањето на аронијата може да биде одличен извор на приходи. Според Спировска, се зголемува интересот на луѓето за консумирање, но и за одгледување аронија.
За подигање, на пример, на насад во кој производителот ќе вложи 5.000 евра, од државата ќе добие субвенција од 600 евра.
Тоа што е потребно за одгледување аронија е почва што се наоѓа над 650 метри надморска височина, која ќе биде добро обработена и наѓубрена со природно ѓубриво. Најубаво е аронијата да се засади во доцна есен. Водата е најважен предуслов бидејќи во летниот период треба да се наводнува колку што е можно повеќе, на секои три дена. За ова најдобар начин е системот капка по капка, преку кој се врши и снабдување со органска прихрана.
Цената на мало на аронијата се движи од 150 до 200 денари за еден килограм, а на големо околу 100 денари. Тоа што е проблем со бизнисот со аронија е пласманот, па најчесто аронијата патот до потрошувачите го наоѓа на мала врата, односно се продава по роднини и пријатели и на пазар.
Аронијата е овошје со топчеста форма кое најмногу личи на плод од боровинка и затоа ја нарекуваат сибирска боровинка. Нејзиниот плод се јаде, има многу лековито дејство и може да се бере и по два месеца откако ќе созрее. За аронијата не е потребно прскање бидејќи не може да заболи од болести или од вошки. Првата берба е во третата година од животот, доколку се користат садници стари една година.Во десеттата година приносот од аронијата е од пет до десет килограми по грмушка, или 11-22 тони по хектар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.