| четврток, 6 декември 2018 |

Кембриџ и во четврто, петто и шесто одделение

skolo uceniciОд идната учебна година Кембриџ програмата се воведува и за учениците од четврто до шесто одделение. Тие ќе ги изучуваат предметите математика и природни науки по оваа програма. Со договорот со Меѓународниот центар за наставни програми, се реализира втората фаза за воведување на Кембриџ програмата во македонскиот образовен систем, откако на почетокот на оваа учебна година по оваа програма учат децата од прво до трето одделение.

Република Македонија е единствената земја во регионот којшто го воведува Кембриџ образовниот систем. Се работи за најсовремени наставни програми и учебници кои содржат нов интегративен концепт за изучување на предметите преку поголемо научно истражување од страна на наставниците и учениците што, пак, ја развива довербата и критичкото мислење кај учениците, истакна ресорниот министер Абдилаќим Адеми.

Според генералниот директор на Меѓународниот центар Кембриџ, Мајкл О‘Саливен, она што дава поттик да се продолжи со реализација на проектот е податокот дека 90 проценти од наставниците кои биле обучени по новите програми би ја препорачале обуката и на своите колеги.

– Тоа е многу важен индикатор за успехот на овие промени. Она што го видовме при посетата на училиштата во Македонија не направи полни со доверба и оптимизам за иднината на спроведувањето на оваа нова програма. Видовме наставници полни со ентузијазам кои подучуваат на нов начин и видовме деца кои исто така беа полни со ентузијазам учеа на нов начин, нагласи О‘Саливен.

Кембриџ програмата почна да се применува во Македонија од оваа учебна година по предметите математика и природни науки од прво до трето одделение. За таа цел беа обучени околу 5 илјади наставници. Кембриџ програмата е имплементирана во 160 држави и во околу 9 илјади училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top