Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс, на која беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во мировните мисии предводени од НАТО, како и за унапредувањето и продлабочувањето на натамошната соработка на Република Македонија со Северноатлантската алијанса.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов изрази задоволство од соработката на Република Македонија со НАТО, при што оцени дека односите се на исклучително високо ниво, и додаде дека нашата држава останува цврсто посветена на промовирање на мирот, безбедноста и стабилноста како во нашиот регион, така и надвор од него. Македонскиот претседател во тој контекст го потенцираше учеството на АРМ во мировните мисии на НАТО и додаде дека тоа ќе продолжи и во иднина.
– Република Македонија останува целосно посветена на аспирациите за членство во НАТО, за што веќе се исполнети сите објективни критериуми и ние дефакто функционираме и придонесуваме како земја-членка на НАТО. Потребно е што побргу Република Македонија да си го заземе заслуженото место во Алијансата – рече претседателот Иванов на средбата.
Генералот Бартелс изрази благодарност за придонесот што АРМ го дава во рамките на меѓународните мировни мисии, како и од нивниот професионализам и кооперативност во мисиите на ИСАФ во Авганистан и КФОР. Во тој контекст генералот Бартелс изрази подготвеност за натамошна засилена поддршка и соработка со Република Македонија, како и проширување на соработката со нови иницијативи и проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани