Овие денови министерот за одбрана на САД, Чак Хејгел, зборувајќи пред Асоцијацијата на Армијата на САД, ја нарече Русија можен противник на Америка кажувајќи го, буквално, следново: „Барањата кон нашите вооружени сили секој ден само ќе се зголемуваат и ќе стануваат сè посложени. Нам уште долго ќе ни се закануваат терористи и екстремисти, но, исто така, ќе мораме да имаме работа со современата и подготвена армија на ревизионистичка Русија директно на прагот на НАТО“.
Зачудува тврдењето дека Русија е на прагот на НАТО. А како се нашла таму? Луѓето на Запад, веројатно, ќе добијат впечаток дека подмолната тоталитарна Русија се прикрала на границите на мирниот блок НАТО, кој стои на стража на демократијата и сега од неа може да се очекува што било, дури и агресија.
Всушност, сè беше сосема спротивно: НАТО се приближи до границите на Русија. Притоа тој почна да се приближува од 90-тите години. А западните лидери, проширувајќи го НАТО, и покрај ветувањата дадени на Русија дека нема да го прават тоа, веруваа дека Русија со тоа ќе се помири. И многу се зачудија кога во 2007 година претседателот Путин на Минхенската конференција за прашањата за политиката на безбедност рече дека за Русија слични активности на НАТО, како и агресиите на САД против независни држави за која не доби дозвола од ОН, на пример Југославија, Авганистан и Ирак, се неприфатливи.
Минхенскиот говор на Путин остави силен впечаток на западните лидери, но тие погрешно ги изведоа заклучоците. Го примија како бунт, иако тоа беше сериозно предупредување, молба повторно да се разгледа односот кон Русија како земја со која не може да се разговара било како. Но, ова предупредување не го сфатија и сега Чак Хејгел зборува за неопходноста на НАТО да биде подготвен всушност да се спротивстави на Русија на прагот на тој блок.
За да ја оправда таа неопходност Хејгел ја нарече Русија ревизионистичка, поточно според мислењето на Запад, таа ги ревидирала резултатите на студената војна во која Западот себе се смета за победник.
Тоа е многу опасна поставка на прашањето. Ако се следи истата, човештвото ќе падне во големи проблеми, за што зборува тажното искуство од интервенциите на САД и НАТО во Југославија, Авганистан, Ирак, Либија. Стотици илјади животи на народите на тие земји ги платија амбициите на Америка, која за себе го присвои правото да ги казнува тие кои ги смета за лоши момчиња и да наметнува свои претстави за демократијата.
Иако германската, јапонската и шведската демократија прилично силно се разликуваат од американската, а во Саудиска Арабија воопшто ја нема, од некоја причина Америка не го наметнува својот модел со помош на високо прецизни ракети и силни бомби.
А со Русија не е така. Откако, Путин почна да воведува ред во земјата и таа почна да застанува на нозе, почнаа да ја критикуваат за кршење на слободите. А сега ја прогласија за непријател и почнаа војна против неа. Воведувањето на санкциите фактички е почеток на војна со економски методи, кои според замислата на САД треба да доведат до слом на руската економија, пад на стандардот, раст на протестното расположение и слом на режимот на Путин.
Што е тоа, ако не е војна?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.