| четврток, 6 декември 2018 |

СВР Тетово: Само една пријава за „униформирани лица“

brodecСВР Тетово работи за расветлување на сите поединости од наведеното во пријавата од градежниот работник, кој на ден втори овој месец пријавил две маскирани вооружени лица во униформи без ознаки меѓу подшарпланинските села Бродец и Вешала, посочуваат од тетовската полиција за Република. Во увидот веднаш по пријавата, на посоченото место полициската истрага не пронашла траги.

Според СВР Тетово, на втори овој месец работник од тетовска градежна фирма пријавил дека додека работел со багер на поставување водоводна цевка меѓу подшарпланинските села Вешала и Бродец, од зад грб му пришле две вооружени со пушки маскирани лица во униформи без ознаки. Според зборовите на работникот едниот од нив му наредил да ја скрши поставената водоводна цевка, но откако и по неколку обиди работникот не успеал, му било наредено да се симне од градежната машина, да се заврти со грб кон нив и да остане во таа положба сè додека тие не заминат. Настанот според пријавата се случил околу 16 часот, а пријавено е околу 19 часот.

Вчера медиуми на албански јазик пишуваа дека лица во црни униформи легитимирале и се заканувале на граѓани во тетовско. Но, пријавата од работникот е единствена во СВР Тетово.

Беше пренесен и заменик министерот за внатрешни работи Земри Ќамили, кој според цитираното вели дека се преземаат сите безбедносни мерки согласно законот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top