Капитенот на КК Работнички, Јане Петровски, во разговор за „Република“ дециден.
– Ова е најкоректното и најмирно дерби меѓу овие два ривали кое некогаш сум го играл – беше првичната изјава на капитенот на тимот од „Градски парк“.
Поранешниот капитен на МЗТ, а сега и на Работнички, одиграл безброј натпревари во дресовите на најголемите ривали во македонската кошарка.
Директниот учесник на теренот, но и во разговорите со делителите на правдата и со делегатот, како и со навивачите, капитенот Јане Петровски, продолжува.
– Судиската тројка на чело со Маријан Мицевски по неколку прекини на мечот одлучи да ја испразни навивачката трибина на нашите симпатизери „Сити парк бојс“. Не ми е јасно зошто Мицевски ја смени својата одлука неколку пати. Првичното негово барање беше да се повлечат навивачите за три реда погоре на трибината. И не само на навивачката, туку и на сите останати. Откако тоа го соопшти пред делегатот во просторот под трибините, на кој разговор присустував и јас како капитен, им беше јасно ставено до знаење на навивачите од моја страна дека треба да се повлечат три реда. Тоа почна да се случува на трибината, но одеднаш судиската тројка го смени барањето и побара да се испразни цела трибина на „Сити парк бојс“. Зошто го стори тоа не ми е јасно – додава Јане Петровски.
По празнењето на трибината, специјаната полиција продолжи и со празнење на сите трибини на кои беа симпатизерите на Работнички, но не и оној дел каде што се наоѓаа навивачите на МЗТ, популарните „Фемили Аеродром“.
– Одлуката да се напушти натпреварот беше токму поради овој потег на судиската тројка. Сакаа набрзина да го продолжат мечот иако имаа негативен одговор од полицијата дека не може да ги пушти навивачите од Аеродром надвор од салата, на веќе создадена тензична атмосфера. Ние, секако, сакавме да го продолжиме мечот со барање да се испразни цела сала. Тоа не се случи и управата донесе таква одлука. Во целата ситуација трпи кошарката во Македонија и целокупната спортска јавност. Штета е што една одлична и коректна кошаркарска претстава не го дочека својот крај – заврши Петровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.