Вечерва со почеток од 18.30 часот сите патишта водат кон „Градски парк“. Се игра најголемото кошаркарско дерби во нашата држава. И не само кошаркарско бидејќи е голем бројот на приврзаници на двата клуба. Градот е поделен на црвена и сина страна. Сите со денови зборуваат за овој натпревар. Навивачките групи „Сити Парк Бојс“ и Фемили Аеродром“ веќе почнаа да се мобилизираат. Се подготвуваат деноноќно не смее да се испушти ни еден детал.
Вистински празник на спортот во нашата држава.
Доминацијата на МЗТ Скопје во последните три години како полека да спласнува. За тоа говори и фактот што управата на Работнички доведе неколку проверени кошаркарски имиња во својот табор. На клупата се врати Марин Докузовски. Тодор Гечевски и Ѓорѓи Чековски се вратија во старото јато каде ја доживеаја својата кошаркарска афирмација. Тие беа најзаслужните што МЗТ освои три титули по ред во македонското првенство и што го обели образот на македонската кошарка во АБА лигата.
МЗТ со неколку измени во играчкиот ростер. Ги нема ветераните, но секако и понатаму е фаворит за победа бидејќи има поголем број на играчи во ротација. Управата го направи најголемиот потег во пресрет на ова дерби. Го ангажираше репрезентативецот Дамјан Стојановски кој треба да биде лидер на новата генерација на аеродромци. Симболично ќе го носи и дресот во број 1.
Ученикот против учителот. Врбица против Марин. „Градски парк“ ќе врие. Нема да има место каде игла да се фрли. Познатиот декор на трибините веќе е спремен од двете навивачки групи. Препукувањата по социјалните мрежи веќе траат на големо. „Блиските“ средби се раскажуваат во секое маало. Цел град е на нозе.
Сите посакуваме одлична кошаркарска престава, без никакви инциденти пред за време и по натпреварот. Сепак ова е празник, да победи кошарката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.