| четврток, 6 декември 2018 |

Мистеријата за вистинската Пепелашка – манекенка исчезнала пред 20 години, останал само нејзиниот чевел

revelle-isceznatata-devojka-01
Веќе 20 долги години исчезнувањето на младата манекенка Ревеле Балмаин останува мистерија.
Секоја нејзина трага се губи на 5 ноември во 1994 година. Исто како и во приказната за Пепелашка, зад неа останал само еден чевел на платформа, кој е пронајден два дена по нејзиното исчезнување. Покрај чевелот биле пронајдени и нејзината чанта, дневникот што го водела и клучевите од нејзиниот дом.

Оттогаш, па наваму, полицијата трага по оваа преубава русокоса, која имала само 22 години кога исчезнала. Кога ги пронашле нејзините лични предмети, за полицијата тоа било прв знак дека на младата манекенка, која се занимавала и со танц, ѝ се случило нешто многу лошо. Меѓутоа, две децении подоцна, истрагата не успева да открие ништо повеќе за неа.
revelle-isceznatata-devojka-02

За оваа Австралијка нема никаква нова вест, и покрај наградата од 250.000 долари за секој кој би дал каква било информација која би довела до апсење на виновникот за нејзиното исчезнување.

Ревеле во тоа време потпишала шестмесечен договор во Јапонија и се подготвувала да отпатува таму. Кобната вечер таа требала да излезе на средба со своја пријателка, но таа никогаш и никаде не се појавила.
Во полицијата било пријавено нејзиното исчезнување кога Ревеле утредента не се појавила кај нејзината мајка, каде што требала да дојде за да се поздрави пред нејзиното патување за Јапонија.

Меѓутоа, нејзиното семејство не ни знаело дека оваа несреќна девојка за целото време водела двоен живот. Додека на сите им говорела дека се занимава само со танц и манекенство, оваа девојка работела и како ескорт-дама за две познати агенции.

На денот на нејзиното исчезнување таа се упатила кон еден од клиентите во Кингсфорд. Маж под името Гавин Овен Самер бил еден од нејзините последни клиенти, но тој ѝ тврдел на полицијата дека не е поврзан на ниту еден начин со нејзиното исчезнување. Иако тој бил главен осомничен, против него никогаш не е поднесено никакво обвинение бидејќи немало доволно докази.
revelle-isceznatata-devojka-03
Во истиот период „Дејли телеграф“ пренел информација дека Гaвин, главниот осомничен, исчезнал од Сиднеј. Полицијата го барала со цел да земе примерок за ДНК-анализа.

Полусестрата на Ревелe, Суелен, истата година гостувала во емисија на каналот ABC и тогаш зборувала за тоа низ што сѐ поминувало нејзиното семејство цели 14 години.

– Најлошо од сѐ е незнаењето. Минатата недела видов една девојка, која неверојатно многу личеше на мојата сестра. Останав буквално без здив. Мислев дека срцето ќе ми застане бидејќи толку многу наликуваше на Ревелe. Долг е периодот од 14 години, колку што ние поминавме запрашувајќи се каде е и кој ја убил. Никогаш нема да може да заборавиме на сето тоа -изјавила тогаш таа.

За Џен и Ајвор Балмаин, Ревелe била сѐ во нивниот живот. Нивниот син се удавил во базен кога имал само 15 години. Токму затоа Ревелe станала главен фокус во нивниот живот. Ја испраќале во приватни училишта, учела џез и балет, а таа им возвратила со исто толку многу грижа кога израснала во топла и добра девојка. Нејзиниот татко, Ајвор, починал во 2010 година, сѐ до последен ден, обидувајќи се да сфати што се случило со неговата ќерка.
Во меѓувреме, Суелен не престанува да се надева дека ќе открие кој стои зад исчезнувањето на Ревелe. Таа е и понатаму убедена дека полицијата, сепак, не сторила сѐ што можела да преземе во врска со овој случај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top