| четврток, 6 декември 2018 |

Југохром има сериозен план за исполнување на еко стандардите

југо

Владата во наредните шест месеци будно ќе го следи процесот на спроведување на оперативниот план за воведување еколошки стандарди од страна на Југохром и доколку не го реализира, капацитетот ќе биде затворен, најави денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, при денешната псоета на Тетов.
– Фирмата има сериозен план за исполнување на методологијата за заштита на животната средина, а согласно договорот тие треба да задржат најмалку 110 вработени и да го намалат производството за 50 отсто во овој период. Оперативниот план на Југохром содржи основен проект, време и рокови што се усогласени со Министерството и сметам дека тие интензивно ќе пристапат за негово спроведување што ние ќе го контролираме и месечно – истакна министерот Изаири.
Според него, ова е сериозен чекор за воведување на еколошки ред бидејќи по 31 октомври Југохром наместо 85 мегавати струја, согласно планот, има дозвола да троши 45 мегавати, а токму ова намалување на производството ќе придонесе загадувањето да се намали за 70 отсто.
– Нивниот оперативен план е сериозно решение што треба да се спроведе, а ние сериозно ќе го следиме процесот – рече министерот за животна средина.
Тој побара и поголема заложба од општинските власти во воспоставувањето поголем ред во сообраќајот, затоплувањето и издавањето на Б еколошки лиценци на фирмите што е во надлежност на локалната самоуправа со цел да се придонесе повеќе во намалувањето на загадувањето, бидејќи како што рече, на надлежното министерство останува укажувањето за мерките и политиките што треба да се спроведат во овој правец додека општините се тие што треба тоа да го направат со конкретни мерки на терен.
Владата одлучи „Југохром“ да добие нови шест месеци за воведување на еколошките стандарди при што беа земени предвид освен еколошките аспекти во случајот на Југохром предвид да бидат земени и социоекономските услови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top