| четврток, 6 декември 2018 |

Инаугурација на Милош Земан во Чешка

milos-zemanМилош Земан, првиот претседател на Чешка избран на непосредни избори, денеска положи заклетва на функцијата. Свечената инаугурација на третиот претседател на самостојна Чешка се одржа во Владиславската сала на Прашкиот замок, на заедничка седница на двата дома на чешкиот парламент во присуство на пратеници, сенатори, членови на Владата, дипломатскиот кор и претставници на црквата. На свеченоста присуствуваa и досегашниот претседател Вацлав Клаус со сопругата и Дагмар Хавлова, вдовицата на првиот претседател на самостојна Чешка, Вацлав Хавел. Земан ја положи заклетвата врз свечена верзија на чешкиот Устав од 1993 година, од осамостојувањето на Чешка, заколнувајќи ѝ се на верност на својата татковина и изразувајќи подготвеност за почитување на Уставот и на законите.

Неговиот говор не беше традиционален, новиот претседател зборуваше напамет, без да чита. Во мандатот кој му претстои следните пет години, новиот чешки претседател си постави неколку цели:

– Доколку тоа го прифатат партиите, јас се нудам како олеснувач, во улогата на модератор, а не да судам бидејќи тоа не е улогата на претседателот на Републиката – порача Земан.

Тој во своето обраќање додаде дека ќе ја поддржува позитивната девијација, односно личностите што со своите дела се корисни за државата.

– За остров на таква девијација ги сметам и значаен дел од чешките медиуми. Дел кој се занимава со перење на мозокот, медиумска масажа и манипулација на јавното мислење. Дел чии претставници се истакнуваат со минимално знаење и максимална самодоверба – рече Земан повторувајќи ги своите постојани критики кон новинарите.

Милош Земан е првиот чешки претседател избран од народот на директни избори. Во вториот круг, со значителна предност од 55 проценти освоени гласови го победи својот противник, актуелниот вицепремиер и министер за надворешни работи Карел Шварценберг, за кого гласаа 45 проценти од избирачите. Претходните претседатели Вацлав Хавел и Вацлав Клаус беа избрани од Парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top