| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва ѕвездите ќе танцуваат на МТВ

Танц со ѕвездите

Славното светско шоу „Танц со ѕвездите“, во кое славните танцуваат со професионалци и ги покажуваат своите потези, премиерно ќе се емитува вечерва во 20.30 часот, на МРТ1. Јавниот сервис за реализација на повеќе проекти вложи во програмските и визуелните ефекти. Во новото телевизиско студио од 800 квадратни метри, покрај шоуто, ќе се снимаат и многу други емисии.

Македонска радио-телевизија ја откупила лиценцата од „Би-би-си“ и со продукцијата „Дрим фактори“ ја снима домашната верзија на „Танц со ѕвездите“, а домаќини на шоуто ќе бидат познатиот актер Тони Михајловски и младата водителка Симона Николовска.
Во шоуто учествуваат десет танцови двојки од професионални танчари и ѕвезди, во пет различни категории. Тие ќе се натпреваруваат во стандардни и латински танци. Во секоја емисија ќе отпаѓа по една двојка, а тој што ќе остане до крајот е победник и ќе ја затвори првата сезона на крајот од мај.

Натпреварувачите што ќе учествуваат во првата сезона на македонската верзија на „Танц со ѕвездите“ се актерите Васил Зафирчев, Висар Вишка, Јелена Јованова, пејачите Викторија Лоба, Аделина Тахири, Александар Белов, спортистите Атанас Николовски, Андријана Будимир, како и спортскиот новинар Бранко Чупески и манекенката и водителка Марјана Станојковска. Партнери на ѕвездите ќе им бидат професионалните танчари се Илија Карадакоски, Марина Овезовска, Симона Веселиновска, Мишо Спасовски, Наде Миленкова, Нермин Кочан, Ванчо Ангелески, Јована Василева, Ива Петровска и Христијан Димитровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top