| четврток, 6 декември 2018 |

ССНМ: Лоша положба на жените во медиумската индустрија

novinarski tekstМедиумите во демократско општество имаат задача да ги промовираат еднаквоста, толеранцијата и почитувањето на индивидуата без разлика на полот, возраста, етничката припадност, сексуалната ориентација. Борбата за овие вредности почнува во редакциите, порача Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници по повод Меѓународниот ден на жената. Притоа алармира за, како што наведува, лошата позиција на жените во медиумската индустрија.

– Високото ниво на стрес, заплашување, потценување или игнорирање на нивната работа, неприфатливо оптоварување со работа и работно време што оневозможува приватен живот, вработување на одредено време или хонорарен статус се речиси правило, а не исклучок. Работното опкружување е особено негативно кон жените мајки што често, поради грижата за семејството, се дискриминирани во однос на можноста за вработување, платите и напредувањето во кариерата – стои во соопштението од ССНМ.

Според овој Синдикат, сексуалното вознемирување останува проблем што упорно се премолчува.

– Непримерните коментари и третирањето на колешките како сексуални објекти имаат драматично влијание на личноста, која е на тоа изложена, на нејзината работа и квалитетот на нејзиниот живот. Дури и во ситуација кога жртвата јавно ќе проговори надлежните институции остануваа неми, а изостанува и солидарноста од колеги – оценуваат од ССНМ.

Иако трендот покажува дека сè повеќе жени се образуваат и влегуваат во професијата, од овој синдикат посочуваат дека бројот на оние што се на извршни и раководни позиции е драматично помал во однос на мажите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top