| четврток, 6 декември 2018 |

Дебата во македонската мисија при ЕУ: Предизвиците за идното проширување на ЕУ

Постојаната мисија на Република Македонија при ЕУ во Брисел, денеска беше домаќин на тркалезна маса за земјите од Југоисточна Европа, на тема “Предизвиците за идното проширување на ЕУ“.

Како што пренесува МИА, тркалезната маса се одржала во рамки на регионалниот проект поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка за јакнење на капацитетите на директоратите (ГИЗ) надлежни за ЕУ прашања во министерствата за надворешни работи на земјите од регионот.

Амбасадори и дипломати од земјите-кандидати и потнецијални кандидати за членство во Унијата од Балканот (Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово) разговараа за промоција на регионалната соработка и беа разменети мислења за предизвиците на политиката на проширување на ЕУ. Притоа, акцент на дебатата беше ставен на стратегијата на Европската комисија за проширувањето за 2014 година, претстојните состаноци на Советот на ЕУ и рефлексиите на земјите од регионот по однос на овогодишните извештаи на ЕК за напредокот.

Македонскиот амбасадорот при ЕУ, Андреј Лепавцов, истакна дека процесот на проширување мора да продолжи и дека кредибилитетот на Унијата мора да се задржи во регионот. Во таа насока, тој изрази очекување дека новата Комисија која започнува со работа в понеделник (3. ноември), ќе донесе свеж пристап во процесот.

– ЕУ-перспективата е главна движечка сила за реформите во нашите земји и треба да продолжи да ја има истата моќ и  во иднина. Членството во Унијата нема веродостојна алтернатива. Верувам дека од разговорите што веќе ги имавте во текот на студиската посета и денешните разговори ќе заклучите дека интеграцијата во ЕУ, во прилог на силна регионална и билатерална соработка, е најдобриот механизам за одговор на нашите заеднички предизвици, посочил Лепавцов.

Според македонскиот амбасадор во Брисел, регионалната соработка се покажала дека може да помогне да се надминат разликите во регионот и дека ги доближува земјите во посветеноста кон заедничките прашања.

– Во оваа смисла, ние го поздравуваме фактот за неодамнешните иницијативи, како процесот Берлин и конференцијата за Западен Балкан, што рефлектира јасна политичка определба на земјите за натамошно зајакнување на регионалната соработка за прашањата од пристапување во ЕУ, додал амбасадорот Лепавцов.

На денешната тркалезна маса учествувале и високи претставници на Европската комисија, од Директоратот за проширување, Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Германското друштво за меѓународна соработка и од министерствата за надворешни работи од земјите во регионот.

По завршувањето на дебата, во Мисијата на Република Македонија бил одржан прием со традиционални јадења и пијалоци од Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top