| четврток, 6 декември 2018 |

Kонференција за Законот за превенција, спречување и за заштита од семејно насилство

Новиот закон, кој е веќе во сила, како што рече заменик-министерот за труд и за социјална политика Ибрахим Ибраими, предвидува голем број новини во превенцијата и спречувањето на овој вид насилство, а е дефинирана и надлежноста на институциите во вакви случаи

semejno nasilstvo tepacka

Регионална конференција посветена на Законот за превенција, спречување и за заштита од семејно насилство се одржа денеска во Струга, во организација на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска, Нола Исмаилоска и Момчило Аврамоски.

Новиот закон, кој е веќе во сила, како што рече заменик-министерот за труд и за социјална политика Ибрахим Ибраими, предвидува голем број новини во превенцијата и спречувањето на овој вид насилство, а дефинирана е и надлежноста на институциите во вакви случаи.

– Се работи за закон каде што решаваме еден огромен проблем, а истовремено работиме и на засилување на свеста кај граѓаните за препознавање на семејното насилство. Ова е еден од најтранспарентните закони, кој е донесен барем во последниот период затоа што беше вклучена целата академска јавност. Одржавме и две јавни расправи и препораките што произлегоа од тие расправи беа вметнати во самиот текст на законот. Во овој закон имаме нов термин, а тоа е економското искористување како нов модел што е актуелен не само кај нас, туку и во Европа, меѓутоа новина е што секоја е институциите си ја знае својата работа во постапување при семејното насилство. Оној којшто знае а не го пријавува семејното насилство, ќе сноси казна во висина од две до 2 и пол илјади евра – истакна Ибраими.

Според претседателката на собраниската комисија за еднакви можности на жените и на мажите, Лилјана Поповска во годинашниот извештај на Европската комисја, првпат е пофалена Македонија дека го зајакнала капацитетот на локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите.

– Сметам дека Законот за борба против семејното насилство е извонредно добар и е еден вид мала револуција во третманот на семејното насилство и семејството врз жените и децата. Сменет е пристапот, што значи дека место тој што е тепан и малтретиран да бега од дома, се отстранува насилникот. Новина е и тоа што полицијата со овој закон си презеде многу сериозни обврски и сосема други надлежности, кои досега ги немаше, заради што ќе треба да се направат серија обуки и едукации. Посебно ќе треба да се едуцираат и судиите, обвинителите и адвокатите затоа што сега има комплетно нов пристап врз третманот на семејното насилство – појасни Поповска.

Како што рече Афердита Имери од Македонското женско лоби, новиот Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство оди во прилог на жртвите на семејното насилство, а со тоа и врз насилството врз жените, децата и старите лица.

– Според истражувањата направени во Македонија, секоја четврта жена е жртва на семејно насилство и тука не зборуваме само за физичкото, туку и за економско, психичкото и друг вид насилство. Поголем број на јавувања и на случаи на семејно насилство не укажуваат дека се зголемува феноменот на семејно насилство, туку се зголемува пријавувањето и свеста – нагласи Имери.

Новиот закон којшто го третира семејното насилство предвидува и кратки законски рокови од 24 часа за решавање на проблемот со ваков вид насилство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top