Македонската дизајнерка Росица Мршиќ внесе новина во презентирање на својата колекција есен/зима 2014-15, покажувајќи ја виртуелно, на нејзината веб-страница www.rosica-mrsik.com.
– Развојот на имиџот и ширењето на пласманот надвор од Македонија наметнаа потреба од ваков безграничен начин на покажување на колекцијата. За вкусување на чувството за вистинско присуство во редовите на публиката колекцијата може да се проследи почнувајќи денеска, 31 октовмри, на веб-страницата – вели дизајнерката.
Дизајнерката и со оваа колекција од модни парчиња што се носат од утро до вечер, им се обраќа на софистицирани жени со дефиниран моден изглед, кој е современ и тенденциски неоптоварен. Таа ја користи уметноста во создавање на облеката, нанесувајќи на своите препознатливи форми, промени и детаљи со цел да понуди нешто доволно ново и свежо, а да се почувствувате како дел од големата приказна на Росица Мршиќ која трае и постојано се менува.
За нагласување на уметничкиот ефект користени се природни текстилни материјали со шара во арт деко, во колоритна палета од силни и темни, топли, како и нови, технолошки напреднати материјали.
Мршиќ ја зголемува интернационализацијата на својата марка преку продолжување на почнатата соработка со американската телевизиска куќа „Ен-Би-Си“ во Њујорк, пласман на колекциите на интернационални онлајн продавници и реализација на понудите за креирање дизајнерски профил на неколку светски познати дизајнерски платформи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.