Рускиот претседател Владимир Путин одлучил да ја намали доставата на гас во Србија. Како што пренесуваат медиумите, причина е незадоволството од исходот од посетата на Белград. Информацијата ја потврдила и потпретседателката на влада Зорана Михајловиќ, која за медиумите рекла дека Србија е подготвена да си ги подмири заостанатите долгови за гасот.
Вучиќ одбил да потпише протокол со кој се регулира враќањето на 200 милиони долари долг за гасот до март следната година. Сметал дека путиновата понуда била „нефер“, бидејќи Русија профитира од Србија преку Нафтената индустрија на Србија. Тој ја наведува „штетноста на договорот за продажба на НИС меѓу Србија и Русија од 2008 година“.
Незадоволен од реакцијата на Вучиќ, Путин два дена по посетата на Белград одлучил да ја намали испораката за гас за една третина од вкупно договорените количества.
Српскиот премиер Александар Вучиќ оваа одлука ја пренел во владата. Тој бил лут заради условувањето од Путин и рекол дека е разочаран од потегот. Министерот за енергетика Александар Антиќ, велат медиумите, треба да напише протестно писмо до руската компанија.
Српското МВР од неодамна ја преиспитува продажбата на НИС на рускиот „Гаспромњефт“. НИС е приватизиран како дел од пакетот за енергетски договор осо Руската федерација, во време на Воислав Коштуница. Договорот потоа е потпишан од тогашните премиери Цветковиќ и Медведев, а гаранцијата за завршување на работите ја потпишуваат претседателите Борислав Тадиќ и Владимир Путин, пишува српскиот „Данас“.
Мнозинскиот дел на НИС е продаден за 400 милиони евра за 51 процент од компанијата, додека јавноста во Србија негодуваше дека договореното не соодветствува на реалната цена од околу две милијарди евра. Тогашното српско раководство ниската цена ја правдаше и со дипломатската поддршка од Русија за Србија во врска со наводното зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Косово.
Помалку гас и за БиХ
Руската федерација пред две недели за 35 проценти ја намали и испораката на гас за БиХ. Од Сараевската компанија, увозник на гасот, велат дека „Газпром експорт“ складира поголеми количини на гас во подземни складишта, за стабилна испорака преку Украина кон Европа во зимскиот период. Според соопштението, „БХ Гас“ се обидува да го осигура нормалното снабдување со гас, со тоа што ги повикуваат владините институции како оснивачи на компанијата, да изградат складиште за природен гас и да се обезбедат и други извори, покрај Русија, за снабдување со енергенсот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.