„Барбарела“ е нова група на македонската сцена, постои речиси една година, што е точно „Барбарела“?
Принц: Ние, всушност, се собравме како моја придружна група за нешто што јас планирав да го правам, ама сето тоа добро зазвучи, се рашири една енергија и ми стана мене многу важно тоа да опстои, да трае, отколку да биде кратко проектче и затоа на некој начин не ми беше тешко да се откажам од таа идеја за некој свој проект, бидејќи најдов поголема сатисфакција во ова што го правиме. Така се создаде една група. Мислевме како да се вика, па тргнавме од насловите на песните, се решивме за „Барбарела“, иако е женско име, во чест на Џејн Фонда, тоа е некоја моја сатисфакција од детство.
Каква музика свири „Барбарела“?
Принц: Музика е музика. Постои здодевна и интересна музика за слушање. Ние тргнавме од тоа нам да ни се допаѓа, има рок-основа, иако ние сме фанк-настроени, но се обидуваме тоа да биде дозирано, да преовладува рокот. Кога се оформивме, идејата ни беше само да свириме, да одиме по маала, по гаражи. Битно е да се пренесе енергијата, пораката на музиката, не да се бара слава преку шоу, туку малку да се испотиме, рокенролот си бара работа.
Долго време сте на музичката сцена, но и долго време бевте отсутни.
Дарко: Активно нѐ немаше, пасивно нѐ има цело време работејќи музика за други артисти, можеби требаше по сето тоа што сме го работеле да направиме пауза, да видиме што сакаме следно да работиме и одлично излезе идејата на Принц за групата, одлично другарство со сите четворица, а потоа и професионален ангажман и правење музика, која сите ја сакаме. Не толку комерцијален проект, можеби и тоа е предизвикот да го работиме, да понудиме малку поинаков стил.
Каде може публиката да ве види и кога да очекува прв албум?
Дарко: Албумот е веќе готов, дури имаме песни за два албума, кои се веќе навежбани, подготвени за настапи, чекавме некако спонтано сѐ да си дојде на ред, прво спотот, па ќе следуваат настапи во живо.
Принц: Пред сѐ, правевме песните нам да ни се допаѓаат. Сакаме тоа што го свириме да е адреналинско, да поентира, да не одолжува пет минути песна. Денес никој нема време пет минути да ти ја слуша песната. Албумот трае 18 минути, тамам да го ислушал цел албум од моментот на влегување во автомобил до стигнување в град. Луѓето во автомобил слушаат музика, веќе нема време за музика. Порано се знаеше, пушташ хајфај и уживаш. Сега се молиш да не ти ја чујат песната на лаптоп или на мобилен, тоа е злото на технологијата.
Што ѝ недостига на македонската музичка сцена?
Принц: Ништо не ѝ недостига, само нема медиумски простор затоа што ете да бевме политичари ќе немавте прашање зошто нѐ нема. Тоа е проблемот. Еве сега нонстоп гледам српски емисии, најверојатно и нашите медиуми ќе сфатат дека емисија е емисија, а не да ги интересира само дневна политика. Јас извадив неколку албуми за кои многу малку знаат и се води како да ме немало, меѓутоа нема каде да го дадеш, ќе направиш спот, нема кому да му го дадеш, нема музичка редакција по телевизиите, нема ни простор и така пропаѓаат работите и затоа се направи некој медиумски вакуум. Главното нешто што ѝ недостига на естрадата е медиумски простор, луѓето сами ќе работат и ќе имаат стимул.
Целиот разговор во видеото на Република ТВ.
(Пишува: Владо Оцевски | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст