Годините врват, луѓето стареат. И додека едни се помируваат со фактот дека годините им натежнале, други не сакаат да се соочат со реалноста. Нивното мото е познато – не е важно колку години имаш, важно е како се чувствуваш. Сметаат дека креативноста никогаш не умира и дека тие секогаш знаат најдобро. Додека младите бараат шанса за работа, повозрасните сакаат да останат таму каде што се што е можно подолго. Велат искуството нема цена, но и новата сила и новата енергија немаат цена.
Со овој проблем се соочуваат многу фирми и институции. Законот дозволува тие што исполнуваат услови за пензија, доколку сакаат, да продолжат да работат уште некоја година. Помладите негодуваат – кога тие ќе најдат работа ако старите кадри, кои исполнуваат услови за пензија, си ги чуваат столчињата. Со овој проблем се соочи и МПЦ. Свештените лица не сакаат во пензија, младите свештеници чекаат вработување. Синодот се обиде да најде решение – доколку некој од поповите пред пензија сака да го искористи неодамна воведеното право да остане на работа три години по пензионирањето, во тој случај би бил преместен во друга парохија. Но, поповите што се пред пензија негодуваат – не сакаат да работат во селски цркви, каде што има помалку работа, помалку пари. Незадоволни од таквата одлука велат дека е подобро да заминат во пензија отколку да бидат испратени во некоја далечна селска црква. Владиката Тимотеј истакна дека Синодот не може никому да му забрани да го оствари законското право да остане во служба до 67 години, но може да определи каде ќе работат.
– Ако досега биле во некој храм во градот, тогаш ќе ги пратиме да работат по селата. Тоа се прави со цел на местата на постарите да дојдат помлади свештеници, кои по дипломирањето чекаат повеќе години за да почнат црковна служба. Според пресметките, во цела МПЦ-OA има 7-8 свештеници што ги исполнуваат условите за пензионирање и најмалку 30-40 свештеници што чекаат вработување – вели Владиката Тимотеј.
Македонската православна црква има 11 епархии, со кои управуваат исто толку епископи. Има околу 600 активни свештеници распоредени во околу 500 парохии, со повеќе од 2.000 цркви и манастири. МПЦ-OA пастирски дејствува и во шест епархии во дијаспората.
Државна пензија за српските свештеници
Србија проблемот со пензионирањето на свештениците го реши минатата година. Нив им е загарантира државна пензија. Државата почна да ги плаќа обврските з а пензиско и за инвалидско осигурување за околу 2.000 свештеници (на минималниот износ на заработка), за што издвојува околу 3 милиони евра годишно. Хрватските пензионирани свештени лица, пак, имаат двапати повисока пензија од просечната пензија во земјата. Според хрватските медиуми, пензиониран свештеник просечно зема по околу 900 евра месечно.
Религиско-морална хипокризија
Социолозите велат дека тоа што е специфика за современоста и за современите општествени случувања во секоја сфера е правило и за религијата. Тие нагласуваат дека постои одредена категорија луѓе кои не можат да го прифатат фактот дека треба да заминат во пензија, дека со својот ангажман го дале максимумот. Таквите луѓе постојано настојуваат да го одложуваат процесот на пензионирање.
– Дел од нив сметаат дека ќе се чувствуваат бескорисни, дел дека нема да бидат во фокусот на случувањата, кај дел има и разлика во материјалните приходи. Незамисливо е по секоја цена да се настојува да се остане на работна позиција доколку се исполнуваат условите за пензионирање. Ова особено важи за земји со висок степен на невработеност, каде што за истото работно место постои млад кадар со соодветно образование и компетенции за вршење на истата дејност – вели социологот Татјана Стојановска-Иванова.
Таа смета дека во одреден сегмент тоа недозволување некој да дојде на твоето работно место иако ти ги исполнуваш условите за пензионирање, а тој ги исполнува условите да ја добие твојата работа е егоистично.
– Во такви ситуации е значаен и квалитетот на услугите кои се даваат бидејќи еланот, полетноста и желбата за докажување се специфика на младите. Мислам дека треба да се остави простор на младиот кадар да се докаже и покаже и сето тоа да се направи на еден достоинствен начин. Реакциите од типот на оневозможување да се даде шанса на младите, посебно во религијата, е нешто што се коси со догмите на религијата бидејќи тие, во суштина, се етички системи и учат на добро, правилно и посакувано. Дали во тој случај не се атакува директно на религиските начела и не постои религиско-морална хипокризија? – прашува професорката Стојановска-Иванова.
Неплатени придонеси, ниски пензии
Свештените лица сметаат дека најголем проблем за постарите свештеници е фактот дека немаат работа во селските цркви. Според брегалничкиот митрополит Иларион, проблем е што се празнат селата и градовите, луѓето заминуваат во поголеми места, а во помалите места е сѐ помала потребата за свештеници. Исто така, проблем е и висината на пензијата што ја добиваат. МПЦ-ОА има околу 400 свештеници кои своите плати ги заработуваат од приходите што ги остваруваат во храмовите. Има многу свештеници што со години не плаќале придонеси за пензиско осигурување. Придонесите се плаќаат на најниска основа поради што и тие што ги уплатувале редовно ќе добиваат мали пензии – околу 7.000 – 8.000 денари.
Можност за служење во храмовите пензионираните свештеници добиваат и по пензионирањето. Чинот останува. Пензионирање не значи укинување на чинот. Пензионираните свештеници често се ангажирани за поголеми празници или да служат во некој манастир, за што добиваат одреден надомест.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 112. број на неделникот „Република“, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.