| четврток, 6 декември 2018 |

Веселото самоубиство на македонската култура

Три музички шоуа на трите најгледани македонски комерцијални телевизии деновиве нѐ трујат со „културно-забавна програма“ од типот „замина, а сармата не ја проба“ во која централно место заземаат длабоките деколтеа, кратките здолништа и рефрени во кои се идеализира и промовира кафеанската супкултура како главен пат по кој треба да тргне и старо и младо, и учено и необразовано

За жал, на креаторите на оваа тенденција нема кој да им се спротивстави. Исто како што со години никој не можеше да ги тргне од ударните термини турските ТВ-серии, во кои Фериде, Мериде и Дериде по сто пати се мажеа, разведуваа, тепаа, а крајот на патетичните и јалови приказни речиси без никаква уметничка вредност никако да дојде. Доколку за турските серии, кои се феномен што го освои речиси целиот свет, има некакво оправдување затоа што се работи за висококвалитетни продукциски остварувања од кои понекогаш, како во серијата „Сулејман Величествениот“, има и што да се научи, за српските „турбогранд пинковизии“ нема никакво оправдување што станаа составен дел од нашата реалност.

Поборниците за српска политичка и културна хегемонија на просторот од Куманово до Гевгелија и од Крива Паланка до Свети Наум, систематски промовирана од редица големосрпски националисти од крајот на 19 век до ден-денешен, ни во сон не можеле да се надеваат дека Македонија овие денови ќе им се предаде без искажан збор или без испукан куршум. И притоа поголем дел од Македонците ќе бидат среќни што 23 години откако создадоа сопствена независна држава, пак ќе се вратат во виртуелната „асиметрична федерација“ на Алија Изетбеговиќ и Киро Глигоров од која, според сѐ, никогаш реално не излегле.

Поразот што деновиве го доживува современата македонска држава е пострашен од падот на Крушевската Република, поголем од Рамковниот договор и подраматичен од грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Во сите три наведени ситуации и комитите на чело со Питу Гули и политичката елити и граѓаните се обидоа да сторат нешто. Некои од нив загинаа во битките, а некои пред да заминат во историјата по дипломатски или други канали се обидоа да направат сѐ што е во нивна моќ за остварување на македонските цели во конкретните случаи.

За разлика од битките на Мечкин Камен, во Арачиново или во замокот на Николае Чаушеску во главниот град на Романија, каде што Македонија се соочуваше со опасни непријатели, деновиве не само што нема обид да се спречи националниот пораз, туку со аплаузи и со рефрени од Шабан Шаулиќ се прославува наводниот важен пласман на македонските претставници во баражот или во шеснаесеттина-финале на панаѓурски ТВ-атракции. Притоа се занемарува дека со тоа директно се уриваат и македонските културни вредности и оставината на стотици македонски дејци кои со збор или ноти, со говор или мелодија ја граделе македонската култура во изминатите неколку стотини години.

 

Aktuelno112-3

 

Образованието е трошок, пеењето е моќ

Тие што на политичко ниво гледаат сеир, молчат и не преземаат ништо, а кои имаат механизми да спречат, не се помалку виновни од тие што имаат директно овластување според закон за да го спречат тоа што се случува. Советот за радиодифузија или по ново Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и министерката за култура, по службена должност, имаат обврска да направат анализа и да ја известат Владата дали во земјава се случуваат опасни културолошки трендови. Ниту еден министер, вицепремиер, премиер нема алиби ако досега не почнал некаква иницијатива со која ќе се запре невкусното бомбардирање врз македонскиот јавен простор од страна на трите најгледани комерцијални телевизии. Тоа што јавниот сервис, Македонската радио-телевизија, кој и формално е под влијание и ингеренции на државните институции, нема вакви или слични емисии не е оправдување за премолченото телевизиско самоубиство. Ако молчењето на администрацијата значи согласност, тогаш неколкумесечното молчење на институциите надлежни за оваа појава значи дека Македонија се согласува со „белградизација“ не само на музичкиот дел од македонската култура, туку и на целиот јавен простор кој е контролиран од трите телевизии каде што, координирано или не, се емитуваат музичките емисии кои, благо кажано, имаат сомнителна културна вредност.

 

Aktuelno112-2

 

Телевизиите немаат законска обврска да бидат општественоодговорни

Комерцијалните телевизии имаат секакво право да се обидат да дојдат до гледачи и да ги освојат нивната доверба и внимание. Лошата состојба во македонската економија и слабиот потенцијал на големите огласувачи, кои сѐ повеќе штедат на буџетите за маркетинг, сепак не можат да ја оттргнат дилемата дали и комерцијалните телевизии не можеле да направат напор за почитување на принципот на општествена одговорност, што во случајов значи промоција на туѓи културни вредности на сметка на домашните. За тие што ќе спорат дали старите македонски песни што ги пеат дел од македонските претставници не се добар начин за промоција на земјава во регионот, да ги потсетам дека 90 проценти од сите настапи се базирани на Цеца, Драгана Мирковиќ и Шабан Шаулиќ, кои колку и да се добри за кафеанска атмосфера се неприфатливи кога се презентираат во ударните телевизиски термини, и со тоа стануваат главен дел од македонската култура. А тоа го дозволуваат и законите и подзаконските акти врз основа на кои работи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која ја следи работата на телевизиите.

 

Вистински вредности во вистинско време

Пораката до младата генерација, која според рејтинзите со внимание ги следи овие емисии, е катастрофална: дотерај се во краток фустан, покажи ги градите, мускулите и долгите нозе, испиј едно живо јајце, запеј и сѐ ќе биде во ред, ќе станеш ѕвезда. Практично со оваа појава се поништуваат сите владини кампањи во кои се промовира образованието како рецепт за успех во животот. Дури се поништуваат и владините кампањи за безбедноста во сообраќајот и за здравата исхрана затоа што добро е познато дека ваквата музика и овој начин на живот, каков што ни сугерираат Брена и Цеца, не оди со рендан морков и со цвекло, туку со мрсно ребро и со ракија во неограничени количини.

„Гранд“, „Пинк“ и останатите српски шоуа се емитуваат на трите најмоќни медиуми во земјава и со тоа се следени од најголемиот дел од македонските граѓани што имаат навика денот, особено делот од ударниот термин, кој во поширока смисла го покрива периодот од 15 часот до полноќ, да го минат покрај малите екрани. Ако беа емитувани на една телевизија, немаше да биде спорно. Но, ваквиот систематски удар не можат да го издржат ниту земји со подолга и посилна традиција, култура, музика и фолклор. Уривањето на традиционалното верување дека Македонците се најдобри пејачи на Балканот во случајов не е воопшто важно затоа што се покажа дека и тоа е национален мит без реална подлога. Поважно е што на децата и на тинејџерите им сервираме како приоритетен еден пропаднат балкански модел на живот кој не може да донесе ниту индивидуален ниту општествен развој. Дополнително, оцените за изгледот на учесниците, особено на учесничките што се мерат и меркаат како да се на Ат-пазар во Прилеп, е дискриминација од невидени размери.

Во смисла на почитување на македонскиот идентитет, најстрашно е тоа што дури и нашите пејачи што настапуваат на српските ТВ-продукции, најчесто пеат српски песни, а жирито составено исклучително од српски музичари јавно ги кара зошто не пеат македонски мелодии познати на просторите на поранешна Југославија, особено на оние на кои сега се емитуваат емисиите во Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина. По сето тоа ќе биде лага ако тврдиме дека Грција е единствениот виновник за нашите идентитетски проблеми и дилеми.

 

(Текст објавен во 112. број на неделникот Република, 24.10.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top