
Европската унија денеска ја критикуваше одлуката на Русија да ги признае претстојните избори во источна Украина, организирани од проруските сепаратисти, пренесе ТАСС, повикувајќи се на коминике на надворешнополитичката служба на ЕУ.
– Изразуваме жалење по повод изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека неговата земја ќе ги признае претседателските и парламентарните избори во таканаречените „Доњецка“ и „Луганска Народна Република“, што ќе се оддржат во недела – се наведува во соопштението.
Европската унија предупредува дека ваквата одлука ќе биде пречка за постигнување на трајно политичко решение за кризата.
Спогодбите од Минск, со кои беше издејствуван прекинот на огнот во источна Украина меѓу владините сили и сепаратистите и кои беа потпишани од претставници и на Русија и на „ДНР“ и „ЛНР“, “предвидуваат предвремени локални избори во согласност со украинското законодавство“, се потсетува во соопштението од ЕУ.
Надворешнополитичката служба на ЕУ подвелекува дека претстојните избори во недела ќе се во спротивност со потпишаното и духот на спогодбите од белоруската престолнина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


