Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), по скратена постапка.
Новина во Законот е тоа што освен Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот која во име на Владата го склучува договорот за доделување на државна помош, со оваа измена како потписници на договорот за доделување на државна помош се воведуваат и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони или некој од министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции, во зависност од тоа кој го воспоставил иницијалниот контакт со инвеститорот.
Исто така, додадени се нови одредби со кои се уредува начинот на продажба на објектите во опфатот на зоната, како и за нивно давање под закуп. Предвидена е можност како купувач или закупец на објектите во опфатот на зоната да може да се јави секое физичко или правно лице, домашно или странско кое може да добие статус на корисник на зона.
Освен објектите во опфат на зоната, и земјиштето во зоната може да биде предмет на оттуѓување, на начин и во постапка согласно со овој закон.
Одлука за започнување на постапката за оттуѓување донесува Владата на иницијатива на Министерство за економија или Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, а ја спроведува Комисија за спроведување на постапки за јавно наддавање формирана од Владата со членови од Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Пратеникот Ѓорѓи Сламков посочи дека во последно време во технолошко- индустриските развојни зони во Македонија инвестираа голем број на реномирани странски компании.
– Македонските ТИРЗ се рангирани меѓу најдобрите во светот – рече Сламков.
Роза Кареска Топузова нагласи дека со измените на Законот на странските инвеститори ќе им се дадат дополнителни поволности.
– Дест години ќе добива повластици странскиот инвеститор и по десет година ќе направи суштинска промена и дополнителни десет години ќе добива повластици. Тоа и не е толку страшно, но странските инвеститори кои ги добиваат повластиците добиваат и евтина работна рака, а сега и можност да го купат земјиштето. На тој начин создаваат евтини производи и им конкурираат на домашните стопанственици, бидејќи некако успеваат тие производи да ги продадат и на нашиот пазар – рече Кареска Топузова.
Владанка Авировиќ, пак, истакна дека државната помош која се дава во ТИРЗ е неспоредбено помала од ефектите што се добиваат.
– Имаме позитивни ефекти во извозот со додадена вредност, се добива „ноу хау“ технологија и работниците се обучуваат како да работат – рече Авировиќ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.