| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието даде зелено светло за зголемувањето на пензиите

собрание

Собранието на Република Македонија во рамките на денешното продолжение на 19-тата седница со 65 гласа „за“ и три „против“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското  осигурување.

Тој предвидува формирање совет за социјална сигурност кој ќе  има 11 члена делегирани од повеќе министерства, Сојузот на здруженија на пензионери, фондовите за пензиско и за здравствено осигурување, Црвен крст на РМ…

Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека советот ќе се формира заради унапредување на социјалната положба и животниот стандард на корисниците на пензија.

Уште три измени се содржани во законот – можноста за поднесување барања за остварување право на пензија во електронска форма, зголемување на пензиите за 5 отсто од септември 2015 и усогласување во врска со продажба и давање под закуп на деловни згради во РМ, во случајов тие кои ги користи Фодот за ПИОМ, а нема потреба од нив.

Пратеничката Роза Кареска Топузова праша дали покачувањето од 5 отсто најавено за септември 2015 година е реално, бидејќи не се предвидува да се направи усогласување на пензиите со порастот на животните трошоци што стандардно се случува на почетокот на годината. Таа посочи дека и во 2014 година не е направено вакво усогласување, поради што, како што рече, покачувањата на пензиите не се толку големи колку што се тврди.

 На тоа заменик министерот Ибрахими посочи дека просечната пензија сега е за 50-тина проценти повисока отколку во 2006 година. Тој истакна дека Владата им дава покачување на пензијата од 5 отсто наместо да добијат усогласување од околу 1 отсто.

– Како Влада овие 5 отсто ги распределуваме исто на сите, бидејќи сметаме дека е подобро сите да добијат ист износ, а не некој да добие покачување од 1.500 денари, а некој  од 200 денари – рече Ибрахими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top