Големото затворање на најуникатниот македонски проект во изминативе десетина години , „Македонско девојче“ со Каролина ќе се случи на 13. декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, најавуваат од „Авалон продукција“.
По распродадените шест последователни концерти во Македонската опера и балет (МОБ) и распродадените концерти во Крушево, Македонска Каменица, Битола, Охрид… проектот пред да се рашири надвор од Македонија, се враќа во Скопје каде финално ќе биде затворен на 13. декември со голем концерт во „Борис Трајковски“, велат од „Авалон“.
На овој концерт Каролина ќе ги изведе повеќето песни од двата албума „Македонско девојче 1“ и „Македонско девојче 2“ во еден различен концепт од концептот виден во МОБ во февруари оваа година.
„Борис Трајковски“ специјално за концертот ќе биде адаптирана во комплетно седечка формација во која и во партерот сите места ќе бидат за седење.
Влезниците со основна цена од 600 денари ќе бидат пуштени во продажба од 10. ноември преку продажната мрежа на КупиКартиЗаСе, Розе – Веро 2, Камарад, Скопје сити мол како и онлајн на www.kupikartizase.com.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.