Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина денеска ги соопшти резултатите од општите избори на 12 октомври, на кои се гласаше за членови на претседателството на Босна и Херцеговина, за пратеници во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина и во Собранието на Република Српска, за претседателот и потпретседателот на Република Српска и за претставниците во десетте кантонални парламенти во Федерацијата БиХ.
Босна и Херцеговина е единствена држава, што се состои од муслиманско-хрватската Федерација БиХ и Република Српска, кои имаат заедничко Прерседателство, дводомен федерален Парламент, централна Влада, суд и централна банка. Шеф на државата е претседателот на претседателството, кое се состои од Бошњак, Хрват и Србин, кои претседателската функцијата ја извршуваат според ротациски принцип со мандат од осум месеци.
Според резултатите од изборите, во следните четири години членови на колективното Претседателство ќе бидат Бошњакот Бакир Изетбеговиќ, Хрватот Драган Човиќ и Србинот Младен Иваниќ.
На изборите за претседател на Република Српска победи актуелниот претседател Милорад Додик, кој освои 45,22 проценти од гласовите.
Во заедничкиот Парламент најмногу мандати освои бошњачката Партија за демократска акција (САД) – 10, следена од Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик со шест мандати, Српската демократска партија (СДС) и Демократскиот фронт со по пет пратеници, Унијата за подобра иднина (УББ) и Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина (ХДЗ БиХ) со по четири мандати.
Претседателот на ЦИК, Стјепан Микиќ, на прес-конференцијата изјави дека од датумот на објавувањето на резултатите почнува да тече рокот од три дена, во кој може да се поднесе барање за повторно пребројување на гласовите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.