| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Ана Филипче, психијатар: Македонците се жилав народ

Дури 165 од 514 милиони Европејци секојдневно водат битка со депресија или несоница. Асистент доктор Ана Филипче, психијатар од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, вели дека Македонците, како народ, пред сѐ позитивно гледаат на проблемите, а помладите пациенти се ослободени од стигмата и ако сметаат дека е потребно, посетуваат психијатар

Депресијата последните години стана сериозна болест и еден од најголемите социо-медицински проблеми. Психијатрите велат дека колку порано ќе се препознае депресијата, толку е поголем успехот во лекувањето. Научниците предупредуваат дека до 2020 година депресијата може да биде втора најчеста болест во Европа. Дури 165 од 514 милиони Европејци секојдневно водат битка со депресија или несоница. Асистент доктор Ана Филипче, психијатар од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, вели дека Македонците, како народ, пред сѐ позитивно гледаат на проблемите, а помладите пациенти се ослободени од стигмата и ако сметаат дека е потребно, посетуваат психијатар.

 

Според научниците, депресијата е една од најголемите социо-медицински проблеми и предупредуваат дека до 2020 година може да стане втора најчеста болест во Европа. Како го коментирате ова?
ФИЛИПЧЕ: Депресијата, генерално, во последните години се јавува многу често како кај светската, така и кај македонската популација. Земајќи ја предвид историјата на македонскиот народ, и подалечната и поблиската историја, потоа брзиот начин на живот, стресот на кој сме изложени секојдневно, би можела да кажам дека нашиот народ е релативно жилав. Македонскиот народ би го окарактеризирала како позитивен. Но, постојат група луѓе што не можат да се соочат со секојдневните проблеми, кои ги исцрпиле механизмите на соочување со животните проблеми. Тоа се група луѓе што завршуваат на нашата клиника и кои бараат помош.

 

Депресијата е болест што може да се јави во секој период од животот. Како да ја препознаеме?
ФИЛИПЧЕ: Депресијата може да се јави во секој период од животот, но најзагрижувачки е тоа што таа се јавува во најпродуктивниот период – во дваесеттите, триесеттите и во четириесеттите години од животот. Депресијата е клиничка состојба што има свој развој и своја симптоматологија. Тоа што е најважно е да се препознаат симптомите и тоа најчесто го прават стручните лица, тие што се занима­ваат со таа проблематика. Но, многу е важно и пациентите, луѓето што имаат мака да препознаат дека нешто не е во ред. Многу често, во нашата средина, за жал, депресијата се поистоветува со мрзливост. Тоа се два различни ентитета, две различни состојби. Основен симптом на депресија е недостиг од расположение, престанок на уживање и на интерес за работите што дотогаш сме ги правеле со уживање. Депресијата значи немање волја за основните животни активности. Едноставно, престанок на радување на животот. Паралелно со овие симптоми, многу често се јавуваат и други, дополнителни симптоми. На пример, проблеми со сонот – тешкотии при заспивањето, лесен сон, будење рано наутро. Потоа се јавува намален апетит. Се случува за кратко време пациентите да загубат на килажата. Сето тоа покажува дека болните од депресија немаат волја да се грижат за себе, за семејството, за децата… Овие симптоми треба да се препознаат, но да не се поистоветуваат со мрзливост, бидејќи постои ефикасен третман за оваа состојба. Една од посериозните видови депресија е и постоењето на самоубиствени размислувања.

 

Ana-Filipce-int112-2

 

Што велат Вашите искуства од клиниката? Дали Македонците знаат да ја препознаат депресијата и дали сакаат да се лекуваат?
ФИЛИПЧЕ: Луѓето што имаат мака, секогаш, на крај, ќе се јават за помош. Но, факт е дека прво ќе се обидат на сите други можни начини да си помогнат, но на крај, сепак, ќе се обратат таму каде што е потребно. Во последно време сѐ почесто посетуваат лекар, посебно помладата популација, која не се грижи многу за традиционалните стереотипи. Депресијата, многу често, генерално е сфатена како знак на слабост, што апсолутно не е точно. Депресијата, како и сите други болести, е биолошка состојба и ние ја лекуваме врз основа на одредени биолошки параметри. Причините може да бидат различни.

 

Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека во рамки на здравствените установи низ државата ќе се отвораат и центри за лекување депресија. Дали ќе помогнат овие центри во соочување со болеста на 21 век?
ФИЛИПЧЕ: Се надевам дека овие центри ќе ја приближат оваа проблематика до народот. Не се лекуваат сите депресии исто. Многу е важно да се препознаат симптомите и важно е да не се занемаруваат бидејќи депресијата е состојба за која има ефикасен лек.

 

Каков народ е македонскиот? Може ли да дадеме генерална оцена за тоа дали Македонците се среќни или несреќни?
ФИЛИПЧЕ: Македонскиот народ е жилав и, веројатно, маката го научила да биде таков и можам да кажам дека гледа позитивно на проблемите. Голем дел од народот успева да се соочи со животните проблеми, но постои дел што не може да излезе на крај со нив. Ние не можеме да ги решиме проблемите на пациентите, но, сепак, со помош на третман, разговор, односно психотерапија, да овозможиме полесно да се соочи со нив.

 

Ana-Filipce-int112-3

 

Која популација најчесто доаѓа на преглед кај психијатар?
ФИЛИПЧЕ: Во основа, сите тие што имаат мака на крај ќе дојдат кај психијатар. Но, има разлика меѓу помладите и повозрасните пациенти. Помладите излегуваат од рамките на стереотипите, не се плашат од стигмата, која уште владее во нашата средина, од етикетирање дека некој бил на психијатар. Младите не се плашат и бараат помош за своите проблеми и тоа е добро бидејќи не толку сериозни проблеми се решаваат со неколку разговори. Секоја депресија не бара медикаментозен третман.

 

Како се лекува депресијата? Некои психијатри препорачуваат дека е подобро секој ден да се пие по една чаша вино отколку да се пијат антидепресиви.
ФИЛИПЧЕ: Пристапот во лекување на секоја депресија е индивидуален. Процена на психијатарот е како ќе пристапи во лекување на пациентот. Виното е добро, но тоа не е замена за антидепресиви и никако во комбинација со лекови. Депресијата е состојба, растројство, кое треба да се третира со лекови, ако е тоа процена на психијатарот, и секогаш е подобро тоа да биде во комбинација со психотерапија.

 

Целиот разговор во видеото на Република ТВ.

 

 

Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Видео: Дејан Станчевски и Жан Лековски
Монтажа: Илија Јовановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top