Минималната плата е историски успех, иако не е висока. Сепак, таа се зголемува побрзо отколку што растат трошоците за живот, вели претседателот на ССМ Живко Митровски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Секогаш ќе има и критичари, но би било добро критиките да се аргументирани. Не знам како би бил некој обвинуван за некоја узурпација на работнички права кога прв пат после 20 години добиваме Закон за минимална плата, каде што над 65 илјади работници добиваат драстично подобрување на социјално економската положба, ако за прв пат по осамостојувањето добиваме Закон за европски работнички совети, ако за прв пат по осамостојувањето добиваме Закон за забрана за психичко вознемирување, односно мобинг, ако она што порано беше мисловна именка, да развиваме социјален дијалог во Република Македонија, сега го развивме социјалниот дијалог, формиран е националниот економско социјален совет, формиравме во 10 општини локални економско-социјални совети каде што синдикатите учествуваат во донесувањето на одлуките, во креирањето на социјалните економски политики, ако не дозволивме како синдикат да има масовни отпуштања, ако не дозволивме да има намалување на плати, напротив, имаме зголемување на плати, имаме зголемување на плати и оваа година, минималната плата ќе биде зголемена за 9,6 отсто, идната година исто така за 8,2 отсто, ако не дозволивме задолжително зголемување на пензиската граница, мислам дека таквите аналитичари во секој случај се критички и треба да бидат критички и кон самите себе.
РСЕ: Воведувањето на минимална плата го нарековте историски успех. Колку може да се смета успех тоа што Македонија последна во регионот ја дефинираше минималната плата, која воедно е и најниска?
Историски успех е самиот факт што се донесе законот. Тоа е основата од која што тргнуваме. Историски успех е што во старт платата беше зголемена за скоро 100 отсто. Значи, пред донесувањето на Законот за минимална плата, најмалите плати беа од 4.500-5.500 денари. Сегашната плата на почетокот беше утврдена на 8.050, сега ќе биде некаде околу 8.800 денари, идната година ќе биде 9.560, таа по неа ќе биде 10.080 денари. Околу 65 илјади работници во Република Македонија пред донесувањето на овој закон примаа плата до 4.500 денари. Ние не велиме дека е премногу висока, но ако направиме споредба во однос на претходно кога воопшто немаше ништо во делот на оваа регулатива, во секој случај има огромен напредок- оценува претседателот на ССМ Живко Митровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


