| четврток, 6 декември 2018 |

МВР предупредува дека насилствата ќе бидат најостро казнети

Неколку од групите на Фејсбук каде се употребуваше говор на омраза и имаше повици на насилство веќе се затворени, а во тек е постапка за затварање и на останатите

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашната вечер и утринава повика на службен разговор десетина лица поврзани со инцидентите од минатиот викенд, се вели во нивното соопштение.

За петмина од нив постојат сомненија дека се инволвирани во петочните инциденти, додека останатите во инцидентите што се случија во саботата. Три од лицата се малолетници. Во моментов лицата се распоредени по полициски станици и со сите нив се разговара. По целосно документирање, во консултација со надлежниот јавен обвинител, против сите за кои ќе има доволно докази ќе бидат процесуирани соодветни пријави. МВР продолжува да работи на целосно расчистување и документирање на инцидентите и идентификување на сите учесници во нарушувањата на јавниот ред и мир.

Министерството продолжува да ги следи и повиците за повторно организирање протести в петок и в сабота преку социјалните мрежи. Се работи на утврдување на лицата што стојат зад профилите кои повикуваат на протести и насилство во рамки на групите отворени на „Фејсбук“. Неколку од групите каде што се употребуваше говор на омраза и имаше повици на насилство веќе се затворени, а во тек е постапка за затворање и на останатите.

Во текот на вчерашниот ден, околу 16 часот, по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу Пелистер и Вардар, полицијата интервенираше поради поголемо нарушување на јавниот ред и мир кога дел од навивачите на домашниот тим почнаа да фрлаат камења кон полициските службеници. При полициската интервенција насилната група беше разбиена, а беа приведени осум лица од кои четири се малолетни. За време на каменувањето, четири полициски службеници се пожалиле на повреди здобиени од ударите.

Министерството за внатрешни работи апелира да надвладее разумот и да се престане со девијантно и насилничко однесување. Без разлика што никакви протести не се формално најавени, врз основа на оперативните сознанија и информации, полицијата ќе ги преземе сите неопходни мерки, а против сите кои би предизвикувале или би учествувале во какви било инциденти ќе следуваат најостри санкции. Граѓаните што размислуваат да учествуваат во некакви протести не смеат да дозволат да бидат изманипулирани и вовлечени во какви било сценарија бидејќи товарот на одговорноста ќе падне врз нивниот грб.

МВР ги повикува сите општествени чинители, вклучувајќи ги и медиумите и невладините организации, активно да се вклучат и да го дадат својот придонес за смирување на страстите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top