Во јавниот сектор во Србија за следните четири години ќе има 100.000 луѓе помалку, а до крајот на мандатот на сегашната влада би требало да се намали и невработеноста за околу 100.000 луѓе, а мерките за фискална консолидација се преземаа бидејќи во спротивно земјата до банкрот би дошла најдоцна до почетокот на 2017-та, изјави премиерот Александар Вучиќ.
Во српскoто Собрание, премиерот Александар Вучиќ во петокот информираше дека без работа во јавните служби ќе останат претежно таканаречени партиски кадри, „со други зборови непродуктивните работници“.
Образложувајќи ги пред пратениците околностите во кои се носи ребалансот на буџетот, кој предвидува дефицит од 1,89 милијарди евра, Вучиќ ја негираше веродостојноста на тврдењето дека Србија нема макроекономска стабилноста, нагласувајќи дека нејзините девизни резерви изнесуваат околу 11 милијарди евра, како и дека бележи пад на инфлацијата и намалување на невработеноста.
Вучиќ за најавените ригорозни мерки за штедење, кои подразбираат намалување на платите во јавниот сектор и на пензиите, истакна дека „првпат во современата политичка српска историја се случува владата да признае дека земјата е во тешка економска ситуација и да предлага како да се излезе од таа криза“.
Претходната власт, предводена од Демократската партија на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ со сегашниот коалициски партнер на Вучиќ, Ивица Дачиќ од Социјалистичката партија на Србија, актуелниот српски премиер ја обвини за неодговорно однесување поради неоправданото зголемување на пензиите во 2008 и 2009 година, како и за „заштита на тајкуните кои со години не плаќале милионски суми за данок“. Истовремено, Вучиќ тврди дека „годинава е наплатено повеќе даноци од тајкуните отколку во четирите-пет претходни години“.
Вучиќ ги повика граѓаните на „година ипол дена трпение и штедење“, тврдејќи дека нема поинаков начин да се излезе „од ситуацијата предизвикана со грешки во минатото“, и порача дека „Србија во 2016-та ќе може да смета на највисокиот раст во Европа“, и ќе стане „поздрава, понормална, успешна и просперитетна земја“.
Министерот за труд, вработување и социјална нега, Александар Вулин, изјави дека во Србија има 147 илјади работоспособни корисници на социјална помош и најави владина уредба којашто ги обврзува работоспособните корисници на таквите примања да ја заработат, укажувајќи дека „тоа е пракса во повеќето европски земји“.
Претходно седмицава, српскиот министер за финансии Душан Вујовиќ изјави дека намалувањето на пензиите и на платите ќе стапи на сила од 1-ви ноември и „ќе бидат привремени и делумни“, а ќе влијаат на платите и пензиите кои се исплаќаат во ноември.
Намалувањата се 10 отсто и се линеарни, почнувајќи од износите поголеми од околу 210 евра, додека пензиите од околу 850 евра и поголеми ќе идат намалени и за повеќе. Вујовиќ рече и дека 61 отсто, односно околу 1,03 милиони пензионери, нема да бидат опфатени со спомнатите мерки бидејќи нивните пензии се помали од 210 евра, како и дека околу половина милиони примаат меѓу 210 и 335 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.