Вистинска фудбалска магија ни донесе новопечениот македонски фудбалски репрезентативец Бесарт Абдурахими, а неговиот еврогол за победа над Луксембург долго ќе се врти на телевизиските екрани. Во вистинско време за пресврт, за враќање на оптимизмот, насмевките и надежите за подвиг и евентуален пласман на ЕП во Франција. Абдурахими и против Украина покажа квалитет и борбеност, со што сѐ повеќе ги собира симпатиите во Македонија.
Неговите родители се од гостиварското село Градец, а тој е роден во Загреб, каде што ги направил првите фудбалски чекори.
Левото крило на белгиски Локерен има само 24 години, а игра опасно добро и во Јупилер лигата и во репрезентацијата на Македонија.
– Ми годат комплиментите, но јас не дозволувам да ме опијат добрите зборови. Така сум научен од пионерски денови. Фудбал почнав да играм на шест години, како и сите деца. На почеток не беше ништо сериозно, сѐ додека тренерите не ги препознаа талентот и квалитетот. Ги минав сите младински селекции на Хрватска и бев дел од една суперталентирана селекција на „коцкестите“, заедно со Иван Ракитиќ, Дејан Ловрен, Иван Перишиќ… Заедно минавме низ два квалификациски циклуси. Сега сум во нов тим, нова репрезентација и пред нов предизвик. Секако дека ми е цел да играм со Македонија на големо натпреварување, а зошто да не и во Франција на Европското првенство во 2016 година – вели Абдурахими.
Какви ни се шансите за пат во Франција, макар и преку бараж-натпревари?
Абдурахими: Како спортист и професионалец, никогаш не се откажувам. Оптимист сум и овојпат и верувам дека можеме да направиме подвиг со пласман на едно од првите три места. Играме сѐ подобро, а треба да се насочуваме само кон следниот натпревар. Наше е максимално да се бориме до крај, а дали ќе биде доволно, ќе знаеме по дуелот со Шпанија во Скопје на 8 септември идната година.
Играше за Хрватска во шест возрасни категории, во селекциите од 16 до 21 година, а се говореше дека и Албанија е заинтересирана да те види во своите редови. Како одлучи да го носиш македонскиот дрес во сениорска конкуренција?
Абдурахими: Од селекцијата до 16 години и секој циклус натаму до младинската репрезентација за фудбалери до 21 година редовно настапував за хрватската репрезентација. Веројатно беше логично да продолжам во А селекцијата, но повикот изостана. Први ме контактираа покојниот Петар Милошевски и Арџент Беќири. Секако, и селекторот Бошко Ѓуровски беше заинтересиран да играм за Македонија и одлучив да настапувам за земјата во која се родени моите родители. Имам двојно државјанство и целата процедура брзо се заврши, па дебитирав на натпреварот со Катар.
Погоден пајакот на мрежата на Жобер, голот против Луксембург најубав во втората рунда
Тече 92. минута од дуелот со Луксембург, Македонија очајно бара победа на самиот крај од дуелот со аутсајдерот, а спасот стигна со вистински проектил на Абдурахими. Момчето со златна коса постигна златен гол за триумф од 3-2. Со десна нога, откосо од работ на шеснаесетникот, летна вистински проектил во малиот горен десен агол од голот на Жобер. Силно, прецизно, недостижно за двајца голмани, не само за чуварот на мрежата на Луксембург. За први бодови во групата Ц, за надеж дека можеме да очекуваме подвиг и рамноправна битка за едно од челните три места во конкуренција на Словачка, Шпанија, Украина, Белорусија и на Луксембург. А, голот на Бесарт си го најде своето место на ТВ-екраните на реномираните телевизии и е избран за најубав гол на втората квалификациска рунда за пласман на ЕП 2016 во Франција.
Погодокот против Луксембург стигна во вистинско време, во финишот за прва квалификациска победа. Ќе има ли уште такви евроголови?
Абдурахими: Бев пресреќен што погодив на вистинското место и во вистинското време. Се надевам дека ќе продолжам да бидам прецизен и дека ќе има уште такви голови за Македонија. Важно е тие да бидат во функција на успесите на репрезентацијата, да имаат ефект, да се освојуваат бодови. Посакувам да бидеме силен и дисциплиниран состав. Со играта против Луксембург и со Украина покажавме дека со максимална борбеност можеме рамноправно да ѝ се спротивставиме на секоја селекција во нашата квалификациска група.
Словачка е следната репрезентација која ќе гостува во Скопје. Лидери се и играат одлично. Постои ли рецепт како да ги изненадиме?
Абдурахими: Очекувам добра претстава и три бода со помош на публиката. Словаците се опасни, но за секого има лек. Се надевам дека ќе ги сопреме иако е јасно дека селекција што ги победила Шпанија, Украина и Белорусија не може да биде слаба. Со поддршка од трибините, кои се надевам дека ќе бидат полни против Словаците, секако дека можеме да оствариме добар резултат. Јас лично се надевам на победа.
Добрите игри предизвикаа интерес и од големите европски клубови. Се најавува дека Тотенхем подготвува понуда. Ќе се преселиш ли на британскиот остров?
Абдурахими: Моите амбиции се еден ден да заиграм во некоја од топ 5 лигите во Европа. Англија и Премиерлигата, веројатно најдобрата на светот, се меѓу нив и секако дека тоа би било остварување на мојот сон. Но, додека евентуалниот трансфер не се реализира, јас сум играч на Локерен и ќе останам посветен на мојот сегашен клуб. Секако, и на добрите игри во репрезентацијата на Македонија, каде што сѐ повеќе се вклопувам. Само да продолжам во ист ритам и да ме послужи здравјето, па ќе видиме што ќе биде во јануари.
(Пишува: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 111. број на неделникот „Република“, 17.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



