
Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, најостро ги осуди протестите со насилство, како и секојдневните напади на млади и невини граѓани.
– Демократскиот сојуз инсистира на одговорно и разумно однесување, како и превентивно дејствување на сите политички партии, невладини организации, верски заедници, медиуми и граѓаните во целина – изјави Трајанов.
Тој истакна дека протестите со насилство не можат да бидат средство за остварување на политички, етнички или верски интереси, тоа е неприфатливо и затоа бара енергични, ефективни и координирани активности и мерки од сите државни институции, вклучително и од судскиот систем.
– Организаторите на овие насилни протести се обидуваат да заработат политички поени разгорувајќи меѓуетнички судири, со несогледливи последици по стабилноста, мирот и нормалното одвивање на животот – смета Трајанов.
Демократскиот сојуз бара државните институции да ги објават организаторите на насилните протести и да преземат законски мерки спрема нив.
Трајанов ги повикува граѓаните да не учествуваат во протестите за да ги изолираме и поразиме насилниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


