| четврток, 6 декември 2018 |

Почина поранешниот австралиски премиер Гоф Витлем

Гоф-Витлем

На 98-годишна возраст почина поранешниот австралиски лабуристички премиер Гоф Витлем, кој во Австралија и во меѓународната заедница остана запаметен како политичар што успеа да ја трансформира земјата во 70-тите години на минатиот век.

Актуелниот австралиски премиер Тони Абот му оддаде големо признание на по малку заборавениот политичар, означувајќи го Витлем како „гигант на неговото време“. Во знак на почит кон неговата работа и постигнувањата за Австралија и нејзините државјани, владата во Канбера нареди сите знамиња на државните институции во земјата денеска да се постават на половина копје.

Гоф Витлем беше избран за премиер во 1972 година откако пред тоа цели 23 години земјата беше управувана од австралиските конзервативци.

Како премиер, лабуристот Витлем остана на функцијата само три години, но за тоа време успеа да ја видоизмени Австралија и да остави траен печат во повеќе сектори на општественото живеење.

Тој и неговата влада првпат во оваа голема земја воведоа слободно образование на универзитетите, ја укинаа смртната казна и дозволија доселување во Австралија и на „небели“ имигранти.

Витлем е првиот австралиски премиер што ја посети комунистичка Кина и со властите во Пекинг воспостави целосни дипломатски односи. Денес, околу 40 години подоцна, Кина е најголемиот трговски партнер на Австралија.

Беше татко на четири деца и остана во брак со својата сопруга 70 години, сѐ до нејзината смрт пред неколку години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top