На 18-тата седница, пратениците во Собранието на Република Македонија по општиот претрес со 65 гласови „за“ го донесоа буџетот за 2015 година, јави МИА.
Предлог буџетот за 2015 година е со реални проекции и ги отсликува владините приоритети и политики за економски раст и развој, поддршка на приватниот сектор и на стандардот на граѓаните, оценија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение на општата расправа за буџетот за следната година.
Пратеничката група на ДУИ го поддржа Предлог-буџетот со образложение дека тој е резултат на политичките договори кои извираат од волјата на граѓаните на оваа земја, а се рефлектирани во проекти во владината програма.
За пратеничката Роза Топузова-Каревска парламентарното мнозинство во отсуство на поголем дел од опозицијата не ја искористило шансата да даде критички осврт за Предлог-буџетот. Република Македонија треба да има буџет во функција на развојот и просперитетот на државата и, истакна таа, парите да се трошат за народот. Топузова-Каревска смета дека Македонија во однос на просечната плата од 352 евра е последна во регионот. Посочи дека просечна плата во Хрватска е 729 евра, 475 евра во Црна Гора, во БиХ 424 евра, а во Србија 381 евро. Потребни се, оцени, странски инвестиции и вработувања во реалниот сектор, а не во државната и јавната администрација.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски укажа дека пратениците на ВМРО – ДПМНЕ се цело време вклучени и информирани за проектите внесени во Предлог-буџетот за 2015 година, главно за оние од местата односно општините од каде што доаѓаат.
Рамиз Мерко од ДУИ побара поголем износ од буџетот за блок дотации за општините. Потребно е инвестирање во локалната инфраструктура и рамномерниот регионален развој, наведе Мерко.
Тој ја поздрави програмата за економски развој, потенцирајќи дека се прават големи работи за привлекување инвестиции преку технолошко индустриските развојни зони и за намалување на невработеноста.
По завршувањето на 18-та седница доцна попладнево пратениците продолжија по дневниот ред на 15-та седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.