Демократската унија за интеграции (ДУИ) го поздравува враќањето на пратениците од Демократската партија на Албанците (ДПА) во Собранието и истовремено ги повикуваат СДСМ и опозицијата да се вклучат во работата на законодавниот дом, изјави денеска пратеникот од ДУИ, Рафиз Алити. Сепак, тој најави дека ќе побараат Анкетна комисија да го расчисти инцидентот меѓу пратениците на ДУИ и ДПА во август.
– Мислиме дека местото на опозицијата е токму во парламентот и гласот на опозицијата треба да се слуша од говорницата на Собранието. Го користам моментот да ја повикам и македонската опозиција да се врати во парламентот – изјави Алити.
Тој ги отфрли обвинувањата на ДПА.
– Ако некој планирал да има инцидент во парламентот, тоа е ДПА. Ние како ДУИ остануваме на нашиот став овој случај да се обелодени до крај со тоа што ќе побараме да се формира Анкетна комисија која ќе го расветли случајот – изјави пратеникот на ДУИ.
Пратениците од ДУИ чекале ДПА да се врати во парламентот за да покренат иницијатива за Анкетна комисија.
– Ценевме дека е бесмислено да се формира комисија во која нема да учествуваат токму оние што го предизвикаа инцидентот. Зборувам за ДПА – изјави Алити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.