| четврток, 6 декември 2018 |

Се одржа првиот „Бал на различности“

ringeraja6

Во организација на Здружението „Дајте ни крилја“ и Македонската опера и балет, синоќа се одржа првиот „Бал на различности“. Под наслов „Не гледај со очите, погледни со срцето“, овој настан има за цел да се подигне свесноста за потребата за инклузија на лицата со посебни потреби во сите социјално-општествени сфери. Настанот се организираше со хуман предзнак, но истовремено беше и акција за собирање средства за проекти кои ги засегаат лицата со посебни потреби.
ringeraja8

Во програмскиот дел настапија: сопранот Нада Талевска во дует со Џенгис Мемеровски (лице со посебни потреби – инклузивен настап) како и нејзин соло-настап со аријата „Болеро на Елена“ од операта „Сицилијански вечери“, балетските уметници Ивана Коцевска и Бобан Ковачевски со „Адаџо“ од балетот „Слепа девојка“ чија музика е на Љубомир Бранѓолица, како и сопранот Весна Гиновска-Илкова со познатата „Арија на Сантуца“ од операта „Кавалерија Рустикана“, во пијано-придружба на Андреја Наунов.
Програмата беше збогатена со настап на Квартетот „Аир стрингс“ и инклузивна ревија подготвена од модната куќа „Елена Лука“, презентирана од успешни жени од повеќе сфери, лица со посебни потреби и дечиња. Водители на настанот и креатори на „Comedy Show“ беа актерите Сашко Коцев и Гораст Цветковски со кои беа инклузирани и лица со посебни потреби.
Во ревијалниот дел се одржа перформанс на џез-гитаристот Тони Китановски и читање поезија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top