| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски го пушти во употреба повеќенаменско игралиште во Истибања

Игралиштето, како што нагласи Груевски на отворањето, овозможува услови за играње фудбал, ракомет, кошарка и други спортови. Опремено е со рефлектори што ќе овозможи негово користење и во доцните вечерни часови

nikola-gruevski-21

Премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески и градоначалникот на општина Виница Емил Димитровски денеска пуштија во употреба повеќенаменско спортско игралиште во населеното место Истибања, кое е во склоп на ОУ „Гоце Делчев“.

Игралиштето, како што нагласи Груевски на отворањето, овозможува услови за играње фудбал, ракомет, кошарка и други спортови. Опремено е со рефлектори што ќе овозможи негово користење и во доцните вечерни часови.

– Со ваквите услови верувам дека игралиштето ќе излезе во пресрет на потребите на учениците од ОУ „Гоце Делчев“, но и на останатите жители на Истибања, рече Груевски, додавајќи дека Владата преку Агенција инвестирала 7 милиони денари.

Покрај ова игралиште, информира, во фаза на градба е и новото тениско игралиште кое наскоро ќе биде готово. Од останатите спортски објекти во општина Виница, тој потсети на надградбата на спортската сала „Капетан Кирчо Димитров“ и оти е предвидена изградба на уште едно повеќенаменско спортско игралиште.

Владата во Истибања, додаде Груески, помогна да се замени старата столарија во ОУ „Гоце Делчев“ со нови прозорци и врати, асфалтирани се повеќе улици, во финална фаза на градба е нова детска градинка која ќе има капацитет од околу 30 деца, извршена е реконструкција на крак од канализациската мрежа, поплочени се околу 200 метри мали улички и извршено е уредување на централниот простор.

– Пред нас е период кој ќе донесе многу придобивки, инвестиции, реформи и нови проекти, но и период во кој треба да ги довршиме  проектите кои ги започнавме во минатото и континуирано ги реализираме во изминатиот период, рече премиерот Груевски.

Игралиштето во Истибања, е дел од проектот “100 Повеќенаменски маалски игралишта”. Тоа е со димензии 45х28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, тенис и други игри и ќе биде место кое ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на Истибања и Виница. Покрај тоа ќе може да се користи и во вечерните часови бидејќи е осветлено со рефлектори.

Игралиштето кое денеска е ставено во функција е 17-то повеќенаменско игралиште кое свечено е отворено, 33 игралишта низ целата држава се завршени и подготвени за свечено отворање, а уште 5 игралишта се во фаза на градба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top