
Антиквизација – термин кој постојано го слушаме во изминатите години. А што е антиквизација? Термин вештачки измислен од оние кои денес ја обвинуваат владата за антиквизација. Барајќи го значењето на овој збор еден аналитичар ќе каже:
За антиквизацијата (антикваризација – заштита и вреднување на старините, антиквестација – потрага по старините), тој лошо искомпониран термин, има многу малку познавање и разбирање од интелектуалната елита која го произведе, а за која елита знаеме дека главно орбитира околу левицата, и која е длабоко политизирана. Таа политизација оди до нивоата на еден тоталитаристички агит–проп манир, при што протагонистите остануваат глуви за било каков тип аргументација од страна на опонентите и од стана на независните и политички непрофилирани слободни мислители. Антиквизацијата во Македонија е еден погрешно поместен дискурс од страна на транзициската левица, во име на една опортуна политичка стратегија, која во „фаталната“ непромисленост создава огромни штети за националниот интерес на Македонија, за балканскиот интерес и за интересот на универзалната човечка култура.
Творците на антиквизацијата
СДСМ, творците на зборот „антиквизација“ самите ефективно го започнаа овој проект уште во раните 90-ти. Продолжувањето на македонската историја со антиката е национален проект почнат уште од независноста на Македонија!
На ова може да се сетат тие што студираа токму на почетокот на 90-тите години на 20 век. Дискретно, без никакви фанфари, на студентите им беше наложено да печатат скрипти со уште пет-шест странички на кои беа поместени три лекции за македонските племиња што го сочинувале македонското кралство, за делата на Филип и на Александар, како и за трите македонско–римски војни.
Меѓутоа, вистинското „антиквизирање“ со големи фанфари почна со историите на Васил Тупурковски, но и со уште еден проект, сосема скриен од јавноста.
И двата проекта почнаа во ист период, некаде пред 1995 година.
Некогашниот заколнат комунист и последен претставник на Македонија во колективното претседателство на СФРЈ, Васил Тупурковски, токму со антиката во раните 90-ти години го почна своето политичко враќање. Тој си беше заминал со семејството во САД, каде што го поминуваше времето во тамошните библиотеки. Од тие негови силни читања произлегоа неговите книги во три дела, нескромно наречени „Историја на Македонија“. Тупурковски не тврдеше директно дека сме потомци на античките Македонци, туку само ги анализираше политичките и воени констелации во тој период. Неговите книги дури и јавно ги читаше на телевизија, а македонскиот крал–реформатор Филип Петти го прогласи за свој идол. Неговата акција наскоро резултираше со формирањето на Демократската алтернатива, кој во коалиција со тогашната ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љупчо Георгиевски (тогаш во името беше со „п“) ја освоија власта во 1998 година. На Георгиевски, денес познат исмејувач на „антиката“,не му пречеа историите на Тупурковски, како што не му пречеше да го поддржи усвојување на шеснаесеткракото сонце од Кутлеш, симболот на македонските антички кралеви, како знаме на државата (подоцна сменето со Привремената спогодба од 1995 година). Не им пречеа ниту копчињата на униформите на полицијата во деведесетите, кои ја имаа истата симболика. Копчињата се уште еден детаљ, за поентата дека СДСМ на големо стои зад „антиквизацијата“. Имено креаторот на овој збор, професорот што знае својски да се изнаплука врз власта поради антиката, и еден од кандидатите на СДСМ за претседател на земјава, Љубомир Фрчкоски има удел во копчињата, За него, во времето кога беше министер за внатрешни работи, се зборуваше дека има удел во идејата за копчињата со „сонцето од Кутлеш“ на униформите.
Откривањето на Каменот од Розета
Вториот проект, тогаш сосема непознат за македонската јавност, е, исто така, непосредно дело на СДСМ. Токму во 1995 година, кога Киро Глигоров беше претседател, Бранко Црвенковски премиер, а на власт беше СДСМ, кој со своите коалициски партнери имаше двотретинско мнозинство во парламентот, во МАНУ, далеку од очите на јавноста, беше одобрен еден проект. Проектот беше поддржан и од Владата. Станува збор за денес добро познатиот Камен од Розета, поточно за преводот на средниот текст од овој камен, за кој официјалната наука тврди дека е напишан на некаков демотски јазик (наводно, старогрчки народен јазик). Академијата претпоставуваше дека каменот, кој потекнува од Египет од вториот век, кога со оваа држава владеат Птолемеидите (потомци на македонскиот генерал Птолемеј, прв генерал на Александар Македонски) е напишан на јазикот на старите Македонци. Реализацијата на преводот на средниот текст им беше зададена на двајца академици, кои, што многумина ги изненади, не се историчари или лингвисти, туку доаѓаат од техничките науки. Двајцата се професори на Електротехничкиот факултет, Аристотел Тентов и Томе Бошевски. Денес, овие двајца научници погрешно ги сметаат за „вмровци“ бидејќи често се гости во емисиите во кои гостува и премиерот, а тие само се обидуваат, колку што е можно повеќе, да ја претстават својата работа. Нивната работа се признава на истокот од Европа, најмногу во Русија.
Мирослав Грчев и првото „Скопје 2014“
Во времето на првите локални избори на Македонија, СДСМ успеа да извојува една од многуте победи во општина Центар. Првиот градоначалник на оваа општина беше архитектот Мирослав Грчев. Тој можеби 90 проценти од својата работеше ја трошеше на уредувањето на најскапиот дел на Скопје, познат како Мал ринг. Грчев, кој како градоначалник самиот си црташе згради, имаше план (зад кој, секако, стоеше СДСМ, тогаш се нарекуваа СКМ-ПДП) за разубавување на Скопје со градење на многу споменици, хотели, како и стари згради како Офицерскиот дом. Неговата идеја тогаш не се викаше „Скопје 2014“, ниту нешто слично, но проектот тогаш беше преамбициозен и далеку од финансиските можности на Општина Центар, Град Скопје, па и Владата. Грчев преговараше и со хотелскиот синџир „Шеретон“, но тие преговори пропаднаа. Место тоа, дозволи да се гради малиот трговски центар на фирмата „Лумикс“, ужасно грдо здание пред платото на ЕВН.
Грчев денес е уште еден од жестоките критичари на „Скопје 2014“, кој притоа не избира зборови ниту место за да го нападен овој проект.
По Грчев, уште еден левичар (или центарист, во зависност од условите) е коавтор на македонската „антиквизација“. Ристо Пенов од Либерално-демократската партија сакаше да реализира дел од големиот проект, но се откажа. Во вториот мандат, кој го доби со поддршка на СДСМ (претходниот победи во коалиција со ВМРО–ДПМНЕ) како градоначалник на Скопје, во 2000 година, му предложи на Советот на Град Скопје место фонтаната, на плоштад да се изгради споменик на Александар Македонски. Внимавајте, споменикот се викаше токму така, Александар Македонски, не Воин на коњ. Идејата на Пенов, секако, не беше да се гради толку голем споменик, но суштината е иста. Покрај овој споменик, во неговиот проект се предвидуваа и други споменици во центарот на градот. Еве уште еден детаљ. Идејата на Пенов помина во Советот на Град Скопје и беше поддржана од еден советник, кој подоцна, а и денес е звучно име во политиката – Владо Бучковски. На крајот, Пенов се откажа од споменикот, наводно затоа што тежината на зданието не можеле да ја издржат подземните канали.
И Велија поддржувач на „антиквизацијата“
Своја улога во таканаречената „антиквизација“, и тоа прилично важна, има и поранешниот сопственик на телевизијата „А1“, Велија Рамковски, кој сега отслужува долгогодишна кана затвор за криминалот во неговите фирми. Имено, во 2008 година, за првпат спотовите за големиот Александар Велики, поточно спотот за битката кај Гавгамела, беше емитуван на „А1“. Извори присутни на состанокот на кој Велија ги собрал своите уредници велат дека единствени што се спротивставиле на идејата „А1“ да заработи многу пари за емитување на спотот биле Сафет Бишевац и Снежана Лупевска. Сите други уредници на медиумите на Рамковски се согласиле секојдневно по десетина пати, во рок од неколку недели, тогаш најмоќниот медиум во земјата да ги промовира Александар Велики и таканаречената антиквизација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


