| четврток, 6 декември 2018 |

Во ноември нова албанска партија во Македонија?!

filesЗеќирија Ибраими, научен работник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, во интервју за „Алмакос“ вели дека новиот политички субјект на Албанците во земјава, кој е еден од основачите на ова тело, ќе стартува во ноември и дека ќе биде именуван како движење, а не како партија.

 Според него, веќе две години се работи на оваа иницијатива. На прашањето што ќе ги разликува од ДУИ и ДПА, тој вели:

– Албанците во Македонија веќе се изморени од политичките агенди и ветувања, кои сите личат една на друга. Ние ќе бидеме првиот политички субјект на Албанците во Македонија што ќе се идентификува преку три А: автентичен, што значи дека се појавуваме од нашите домашни потреби; автохтон, бидејќи се формира од наши домашни капацитети; и автономен, бидејќи е потполно независен субјект од внатрешни или надворешни фактори. Ние ќе бидеме албанско движење, што се раѓа првенствено за унапредување на позицијата на Албанците во Македонија.

Ибраими како клевета и измислица ги оценува шпекулациите дека ова ќе биде разгранок на партијата на турскиот претседател Реџеп Ердоган.

– Како прво, крајно нелогично е една странска партија да формира свој разгранок во Македонија, како второ уште понелогично е една домашна партија да биде разгранок на еден странски субјект и, како трето – што мислам дека е најважно, класификацијата како „ердоганисти“ личи на марксистичката школа на агитација и пропаганда, која сака да ги изгори сите за кои мисли дека се „опасни“. Сепак, за жал, на тие кои клеветат и измислуваат, оваа клевета не е прифатена сериозно од албанскиот народ во Македонија, дури таквите квалификации никој веќе не ги прифаќа како сериозни, особено кога се има предвид од каде доаѓаат – вели тој.

Ибраими е категоричен дека не може да се дозволи со албанската политика во Македонија уште да владее некој што главна цел има своја кариера и лично збогатување.

– Не може и не треба да се дозволи веќе со Албанците кај нас да владеат тие кои единствена храброст имаат кога ги уценуваат и преплашуваат граѓаните од својата населба, а во Владата ни збор не смеат да кажат. Не може веќе политички водачи на овој народ да бидат луѓе со толку сиромашно интелектуално ниво. Затоа, бидејќи сме посебни во овој поглед и со оглед на фактот што просечната возраст на основачите на овој субјект е 35-40 години, ние сме убедени дека единствениот спас на Албанците во Македонија се Албанците со солидно интелектуално формирање, без валкано минато и со визија и волја за регулирање на албанското прашање во Македонија – вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top