| четврток, 6 декември 2018 |

Коцијанчич: Посетата на Еди Рама на Србија би била добредојдена

edi rama

Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Србија би била добредојдена и покрај неодамнешните инциденти на фудбалскиот натпревар во Белград, изјави денеска во Брисел Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.

– Сметаме дека посетата на Рама на Србија би била добродојдена за продолжување на процесот за помирување и унапредување на соработката во регионот – рече Коцијанчич.

Таа не  сакаше да ги коментара наводите на медиумите дека од Брисел се врши притисок врз Белград и врз Тирана, и покрај размената на тешки зборови по инцидентот, посетата, сепак, да се реализира.

– Нашиот став е јасен: до посета треба да дојде, бидејќи таа ќе биде во интерес на сите и во согласност со обрските кои Србија и Албанија ги презедоа како земји-кандидати за членство – изјави Коцијанчич.

На упорните инсистирања на новинарите од Косово и од Албанија, Европската комисија да го осуди „шовинистичкото скандирање на српските навивачи“ од трибините во Белград и наводното малтретирање на албанската делегација, Коцијанчич изјави дека останува при вчерашната изјава дека на спортските трибини нема место за политиката и дека српските власти во текот на натпреварот се однесувале професионално, пренесе Танјуг.

Портпаролот на еврокомесарот за образование, младина и култура, Денис Абот, пак, изјави дека истрагата за тоа кој е одговорен за инцидентите на натпреварот треба да ја спроведе УЕФА, со која Европската комисија има договор за соработка.

– Не е наша работа да делиме црвени картони и да пресудуваме кој на кого треба да му се извини, а на натпреварот во Белград никој не се прослави со своето однесување – рече тој.

Абот укажа дека проблемот со расизмот, шовинизмот и насилството, за жал, е присутен на многу спортски манифестации и дека тој не може да се реши преку ноќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top