| четврток, 6 декември 2018 |

Клуч на „Југохром“ и на „Макстил“ до исполнување на екостандардите

Makstil-0101-600x4211

– Доколку компанијата „Југохром“ до 31 октомври, кога е крајниот рок за исполнување на условите за добивање  интегрирана А-дозвола, не го затвори сама капацитетот, Министерството за животна средина и за просторно планирање ќе  постапува во согласност со Законот за животна средина – информира денеска на прес-конференција ресорниот министер Нурхан Изаири.
Од големите индустриски капацитети, интегрирана еколошка А-дозвола нема добиено ниту „Макстил“, каде што, според министерот за животна средина и за просторно планирање, не се целосно завршени работите за вградување на филтер. Од нивните кажувања, нагласи Изаири, од 31 овој месец сами ќе затворат додека не се усогласат со законските барања.
„Југохром“ нема ниту почнато со исполнување на оперативниот план.

– Им укажувам да се вклучат и тие во акцијата и на 31 да си го затворат сами, во спротивно ќе мора ние да го направиме тоа во согласност со Законот. „Југохром“, од хумана гледна точка за вработените, но и за целиот регион, треба сам да престане додека не ги исполни еколошките услови. Доколку не ги исполни условите, на 31 октомври ќе мора да постапиме во согласност со законот, за што сме и тука за да ги почитуваме законите и Уставот, а законот вели дека понатаму не може да работи без дозвола – подвлече Изаири.
Покрај индустриските загадувачи, тој нагласи дека голема улога во аерозагадувањето има и возниот парк, односно издувните гасови од автомобилите, начинот на греење на домаќинствата и градежништвото. Според некои анализи, една третина од загадувачите се од индустриско потекло.
– Сите ние сме задолжени да го чуваме воздухот што го дишеме, тоа зависи со какви возила ќе се возиме, колку луѓе ќе се возат во автомобилот, со каков транспорт ќе се возиме, какво греење ќе имаме… Нашата совест треба да биде на повисоко ниво – рече Изаири.
Градот Скопје, а препораките важат и за другите градови, добија препораки да размислуваат не само на краткорочни, туку и на среднорочни мерки. Во насока на надминување на проблемот со загадувањето, ресорниот министер информира дека Градот Скопје и Министерството за транспорт и за врски се договориле како ќе се одвива сообраќајот во градот, вклучувајќи ги товарните и транзит возилата, како и внатрешната комуникација.
– Во зависнот од тоа, нема да се чека и ќе почнеме со кампања да им укажеме на сите граѓани и на одговорните како да постапиме доколку има поголемо загадување на воздухот – додаде Изаири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top