| четврток, 6 декември 2018 |

Пет сликовници, дел од проектот „Сите сме еднакви“ ги учат децата на права, одговорности, обврски

Делата се на пет авторки и автори од земјава и сите имаат различна тема. За тимска работа и фер игра пишува Александар Прокопиев во „Голманот Риско“, за права и одговорности во општеството пишува Илина Јакимовска во „Бендот на Петко“ и во „Како Петко не си ги заврши обврските“ на Билјана Петревска - Малинова, потоа за еднаквост и човекови права во „Приказна за Ото, Ото и Ото“ пишува Бистра Георгиева и за почитување и различност во мултиетничко општество во „Волшебната комета“ пишува Николина Андова Шопова

Slikovnici oxo 2 (Custom)

Сликовници што ги подобруваат социјалните врски меѓу децата во основните училишта беа денеска промовирани во скопското основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општината Аеродром.

Делата се на пет авторки и автори од земјава и сите имаат различна тема. За тимска работа и фер игра пишува Александар Прокопиев во „Голманот Риско“, за права и за одговорности во општеството пишува Илина Јакимовска во „Бендот на Петко“ и во „Како Петко не си ги заврши обврските“ на Билјана Петревска – Малинова, потоа за еднаквост и за човекови права во „Приказна за Ото, Ото и Ото“ пишува Бистра Георгиева и за почитување и различност во мултиетничко општество во „Волшебната комета“ пишува Николина Андова – Шопова.

Slikovnici oxo 4 (Custom)
– Целта е да се развие едукативен, воннаставен модел, кој ќе промовира меѓуетничка и меѓукултурна интеракција и социјална врска меѓу децата од основно училиште (6-11 години) во Македонија – велат од организацијата „ОХО“, која го спроведува образовниот проект „Сите сме еднакви“, чијшто дел се сликовниците.
Проектот е со поддршка од Амбасадата на Велика Британија во Македонија, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието на Република Македонија.

Сликовниците се поделени во 21 основно училиште во Македонија и на крајот од сликовниците има и методолошки пристап при примена на сликовницата.  Сликовниците се наменети за учениците од одделенската настава при реализација на наставните содржини од предметите запознавање на околината и општество. Содржините во сликовницата и дадената методологија се во согласност со целите од наставната програма интегрирани со темата почитување и различност во мултиетничко општество.

Slikovnici oxo 1 (Custom)

– Секогаш е тешко кога се пишува за деца. Мојата сликовница „Волшебната комета“ е за почитување и различност во мултиетничкото општество и верувам дека токму ваквите идеи се чекор до промените – вели писателката Андова-Шопова.

Александар Прокопиев ја напиша сликовницата „Голманот Риско“ во која се говори за тимската и фер игра.

– Колку и да сме големи, сите сакаме да си играме. И децата и возрасните, сите нас нѐ држи радоста од играта. Ова се конкретни приказни од кои може многу да се научи – вели Прокопиев, едниствен автор меѓу четирите авторки на сликовниците.

Илина Јакимовска ја напиша сликовницата „Бендот на Петко“ во која се раскажаува за првата и за одговорностите.

Slikovnici oxo 3 (Custom)

– Јас секој ден пишувам многу, но ова е мој прв обид да пишувам во областа на детската литература. Мојата сликовница прв ја прочита мојот син Иван, кој има седум години. Кога таа „помина“ кај него, а Иван има многу висок критериум, тогаш верувам дека сликовницата ќе биде прифатена и кај другите деца. Убаво би било кога би имало вакви сликовници за средношколци, но и за студенти – рече Јакимовска.

На Бистра Георгиева и Билјана Петревска – Малинова овие сликовници им се прво пишано дело.

Георгиева ја напиша „Приказна за Ото, Ото и Ото“ и ја пренесува пораката за еднаквоста и човековите права, а Петреска – Малинова „Како Петко не си ги заврши обврските“.

– Верувам дека наставниците ќе ги пренесат пораките најдобро што знаат и умеат – вели Петревска-Малинова.

Slikovnici oxo 5 (Custom)

Илустратори на сликовниците се „Тхе Мичо“, кој го црта популарниот лик „Петко“, потоа Катерина Николовска, Марјан Димиќ и една позната шпанска илустраторка Моника Каретеро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top