| четврток, 6 декември 2018 |

Железничарската мака повторно на маса

Се очекува да продолжат разговорите за состојбите во железницата по вчершниот аларм со блокирање и деблокирање на сметката на МЖ Инфраструктура

Итната средба кај министерот Миле Јанакиески вчера ја одблокира банкарската сметка на МЖ Инфраструктура, на кратко блокирана на барање на Агенцијата за регулација на железничкиот сообраќај. Синдикатот на железничарите во спротивно се закани со целосно стопирање на сообраќајот заради опасноста по платите за работниците. Агенцијата се оправдува дека законски постапила барајќи наплата на камата вредна два илиони денари од долг во 2011 година. Од МЖ Инфраструктура сметаат дека блокирањето е неосновано бидејќи немаат долг. За тековното одржување на Агенцијата и плаќаат сукцесивно.  „За жал добивме извршено решение кое е нереално затоа што се работи за некој измислен долг за некои камати за ненавремено плаќање на долг од 2011 година. Но ние  не можеме да прифатиме таков начин на присилно земање на пари, бидејќи не се работи за долг, оти ние плаќаме постепено“, вели директорот на МЖ инфраструктура Ирфан Асани.

Асани за медиумите додава дека според промените на Законот за железнички систем, спорна е и функцијата на Агенцијата. Таа постои за да ги регулира правата на сите оператори на услугите, а бидејќи во Македонија нема либерализиран железнички пазар и има амо еден оператор, улогата на Агенцијата е безпредметна.

Минатата година ресорниот министер посочи дека државата се уште не е подготвена за влез на друг оператор во железницата и дека такво нешто во моментот ќе доведе до отпуштање на стотици вработени од МЖ Транспорт. Потребни се прво услови преку зајакнување на националната железничка транспортна компанија, за да стане конкурентна на пазарот, додаде Јанакиески во март, 2012.

Блокирањето и актуелните проблеми, како и начините како МЖ да стане конкурентен на идниот пазар, се очекува денеска да продолжи да се дискутира на средбата во Министерството. По вчерашната интервенција веднаш да се деблокира сметката на МЖ Инфраструктура, министерот Јанакиески даде до знаење дека нема да се дозволи платите и придонесите на работниците, како и воопшто железничкиот сообраќај да се доведат во прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top