По прекинот на фудбалскиот натпревар во Белград меѓу репрезентациите на Србија и на Албанија, синоќа дошло до судири и во некои европски градови каде што живее српска и албанска дијаспора.
Како што јавил „Танјуг“ од Виена, таму се случил инцидент меѓу навивачите на двете селекции, а австриската полиција ги спречила да не дојде до поголем инцидент.
Група Албанци се собрале на 16. виенски округ, во кој се наоѓаат угостителски локали чиишто сопственици, а и гости, се Срби. Во објектите фрлале со шишиња и со пиротехнички материјали.
Полицијата успеала да ја разбие и да ја растера групата, но потоа се собрале околу 200 Срби, кои се обиделе да се судрат со Албанците.
За спречување на инцидентот австриската полиција ги повикала и своите специјални единици.
Во инцидентите се оштетени многу возила, меѓу кои и полициски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.