| четврток, 6 декември 2018 |

Партнерите на Пентагон тријат раце

Kurdish-Islamic State conflict in Kobane

фото: ЕПА

Кампањата за воздушните напади во Ирак и Сирија, која ја води коалицијата на чело со САД, претставува одлична работа за американските производители на оружје и воена опрема на кои последните месеци им расте вредноста на берзата.

– Тоа е совршена војна за компаниите кои се бават со оружје и тие кои сакаат зголемување на средствата одобрени за одбрана – рече Ричард Абулаифа, потпретседател на консултантската фирма Теал Груп.

Кампањата која удира на Исламската држава претставува милиони долари трошоци за купување на бомби, ракети, делови за авиони и многу аргументи во корист на финансирањето на развиени летала, како борбени авиони, шпиунски или летала за достава.

Вредноста на акциите на големите партнери на Пентагон почна да расте откако Барак Обама испрати воени консултанти во Ирак, а растот продолжи со почетокот на воените удари во Ирак во почетокот на август.

Во текот на последните три месеци, на пример, вредноста на акциите на Локид Мартин порасна за 9,3 отсто, на Рејтон и Нортруп Груман за 3,8 отсто и на Генерал Динамин за 4,3 отсто. Во текот на истиот период, индексот S&P 500 изгуби 2,2 отсто.

Неколку дена по ширењето на нападите на Сирија минатиот месец, Рејтон доби договор од 251 милион долари за испорака на крстосувачки ракети Томахавк на американската морнарица. Американските бродови испалија 47 Томахавки првата ноќ во нападот на Сирија на 32 септември, а секоја чини околу 1,4 милиони долари.

Фактот дека нападите за сега имаа само ограничено влијание не го успорува апетитот на инвеститорите наспроти компаниите во секторот за одбрана, истакнаа аналитичарите.

Големите компании работат подобро од што очекуваа експертите пред три години – рече Лорен Томсон од Институтот Лексингтон кој има многу врски со индустријата за одбрана. Со војната тие компании склучуваат договори не само тие со американската влада, туку и со други европски и арапски земји кои се дел од коалицијата против ИС.

Покрај пазарот на борбени авиони, судирот треба да овозможи развој на пазарот на авиони за достава, контрола или беспилотни авиони кои моментално изведуваат клучни мисии над Ирак и Сирија.

Приватните фирми за безбедност кои профитираа од американската окупација во Ирак и Авганистан последните години, исто така се оптимисти. Сегашниот судир треба да доведе до нови договори за поддршка на ирачките сили.

Ако Пентагон пред една година се подготвуваше на големи буџетски резови со оглед на завршетокот на судирите во Ирак и Авганистан, кампањата против ИС како и тензиите настанати од кризата во Украина, брзо ја променија таа перцепција во Вашингтон и Вол Стрит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top