| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Ивановски се сретна со Торбјорн Јагланд – генералниот секретар на Совет на Европа

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска во Стразбур оствари работна средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.

ivanovski-strazbur500

На состанокот беа разгледани прашања поврзани со медиумите, владеењето со интернетот и предизвиците поврзани со интернетот на глобално ниво. Јагланд искажа благодарност за позитивната и конструктивна соработка на македонската влада со експертот на Советот на Европа, при донесувањето на законите за медиуми и за аудиовизуелни медиумски услуги.

– Со генералниот секретар бевме дел од едно високо тело кое шест месеци работеше на предлог на нов модел за владеење на интернетот. Таму ги направивме првите лични контакти кои резултираа со денешна средба во Советот на Европа. Во однос на владеењето на интернетот, Македонија е предводник во регионот и пошироко, а тоа го покажува и првата регионална конференција која ја имавме пред неколку недели на која учествуваа повеќе министри, рече министерот Ивановски по средбата со Јагланд.

Инаку, под покровителство на Советот на Европа ќе биде отворена платформата за медиумите и новинарите, која на почетокот ќе биде на англиски и француски јазик, а на која шест организации ќе можат да објавуваат објективни проверени информации. Министерот Ивановски му предложи на генералниот сектретар таа платформа да се прошири на повеќе јазици на земјите членки на Советот на Европа, вклучувајќи го и македонскиот, преку активно вклучување на македонските новинари.

За време на разговорот стана збор и за човековите права и слободата на информирање, при што произлезе иницијатива, Советот на Европа и Република Македонија да организираат заедничка конференција во Македонија за владеењето на интернетот, човековите права, слободата на изразување и заштитата на личните податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top